logo
logo
logo

СДС САПУНИЦА ДЕН 3: Шилегов и Филипче се тркаат да докажат кој направил помал криминал

Vecer | 17.03.2026

СДС САПУНИЦА ДЕН 3: Шилегов и Филипче се тркаат да докажат кој направил помал криминал

Петре Шилегов, денеска изјави дека во согласност со партискиот статут, исклучување на член извршува општинската организација во која тој припаѓа и го повика лидерот на партијата Венко Филипче, доколку сака да спроведат таква иницијатива, да дојде во организацијата во Карпош за да разговараат со членството за кое рече дека ќе се потруди да биде многубројно како за неговото исклучување така и за заминувањето на Филипче.

– Ако го прочитале статутот, за жал, таму во Извршниот одбор нема кој да го прочита, ќе им биде јасно дека исклучувањето на член на СДСМ го извршува општинската организација во која тој член припаѓа, во која претседателот Филипче првпат влезе кога беше избран за претседател. Па, еве ќе ја искористам можноста, ако веќе сака да спроведат такви иницијатива, да дојде во општината Карпош, таму ќе разговараме со членството, јас ќе се потрудам да има сериозно многу, и за моето исклучување, меѓутоа и за неговото заминување. Во однос на тоа дека тие завршиле, тој завршил со Петре Шилегов, јас тоа нема да го дозволам.

Сето она што го имам направено во својот живот професионално, но уште повеќе политички, тоа што го имам направено за СДСМ и што сè уште го правам, нема да дозволам да го валка човек што нестатутарно е избран за претседател – изјави Шилегов на паузата на денешното рочиште за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, каде што застапува еден од обвинетите.

Шилегов додаде дека се потврдиле неговите ставови, изнесени во неделата, дека ова раководство на СДСМ целосно одработува во договор со ВМРО–ДПМНЕ за интересите на владејачката партија, а не за СДСМ и нејзиното членство.

– Кажав очигледно дека постои договор, кој предвидува СДСМ да биде во ваква состојба во каква што е, упорно да ги промашува темите и да дозволи ВМРО-ДМНЕ да истера два мандата, за сметка на тоа да не бидат предмет на определени можни евентуални истраги или кривични предмети. Исто така, се докажа и второто мое тврдење дека, за жал, партијата е кадровски целосно исцрпена и дека луѓето на кои им значи СДСМ, а се сериозен фактор во нашата држава, веќе не се таму – нагласи Шилегов.

Филипче: Анкетите покажуваат пад на ВМРО и раст на СДСМ

Претходно Венко Филипче на прес конференција на пладне соопшти дека Извршниот одбор на партијата донел едногласна одлука за исклучување на Петре Шилегов по сериозни проверки од кои утврдиле дека Шилегов работи на поделба и раситнување на СДСМ во договор со ВМРО-ДПМНЕ односно дека одработува за нив оти бил уценет.

Претседателот на СДСМ, во одговор на новинарско прашање нагласи дека граѓаните веќе ги препознаваат и се разочарани од политиките на власта, за што показател се и последните анкети кои покажуваат сериозен пад на ВМРО, а притоа раст на поддршката за СДСМ.

„Јас нема да дозволам луѓе да ја делат СДСМ, затоа што имаме работа со криминална и корумпирана власт којашто ништо не може да направи да го спречи падот на анкетите кој што е евидентен. Ваков пад на ВМРО-ДПМНЕ до сега немало, а ние имаме раст. И затоа единствено нешто што може да прават е да ја делат партијата внатре, за да владеат така како што сакаат да владеат“, рече Филипче.

Тој додаде дека граѓаните повеќе нема да бидат изманипулирани од националистичките и коруптивни наративи на ВМРО.

„Јас сум сигурен во една работа, дека на следен циклус на избори ако нешто ВМРО-ДПМНЕ нема да може да направи тоа е да повторно ги излаже граѓаните и да ги продадат повторно суровиот национализам и криминални корупциски тенденции во некаква скриена форма, како некоја форма на патриотизам. Тоа веќе не поминува, јасно им е на граѓаните што прават“ – порача Филипче.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk