logo
logo
logo

КРАЈ ЗА ПОЛНОЌНОТО ПЕРЕЊЕ АЛИШТА

ПОЕВТИНА СТРУЈА НА ПОВИДОК - Викендите во фокусот на новите тарифи

Vecer | 25.06.2026

ПОЕВТИНА СТРУЈА НА ПОВИДОК - Викендите во фокусот на новите тарифи

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) анализира можност за проширување на евтината тарифа на електричната енергија, а една од опциите е таа покрај во недела да важи и во сабота. Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, вели дека викендите има вишок електрична енергија на пазарот, бидејќи најголем дел од индустријата не работи.

Според Ристов, се разгледува и можност за проширување на евтината дневна тарифа во периодот кога берзанските цени на струјата се најниски, односно околу пладневните часови.

„Она што ние сега моментално го добиваме како податоци од македоната берза, односно од МЕМО, во кој период од денот колку енергија се троши по која цена се продава, факт е дека има еден убав период од 11 до 15 часот во кој берзанските цени се многу ниски затоа што имаме вишок на енергија. Во тој распон можеби ќе се движиме со зголемување на периодот на поевтина електрична енергија, а за разлика од тоа можеби ќе има намалување во ноќните часови. Најскапата енергија на пазарот и највисоката берзанска цена е од 21 до 23 или 24 часот, токму во периодот кога ние имаме ноќна евтина тарифа што е апсурд. Ние сега му викаме на ЕСМ ти давај ја енергијата по 65 евра за мегават час во овој ноќен период без разлика што на берза е 300 евра. И тоа е економски неисплатливо.“, вели Ристов.

Тој нагласува дека сè уште не е донесена конечна одлука и дека пред евентуалните промени ќе има јавна дебата. Доколку анализите покажат дека мерките се поволни за граѓаните, новите тарифни модели би можеле да стапат во сила од 1 јануари 2027 година.

„Можно е новите тарифи да важат само одреден период - на пример од мај до септември кога има многу сонце, може нешто друго. Сега за сега се е на маса и правиме инженерски анализи да видиме се што може да се искористи за енергијата да дојде до крајните потрошувачи на транспарентен и поевтин начин. Само тоа е целта на идејата за ревизија на блок тарифите. Не е точно дека ние ќе штитиме некои производители и е далеку од памет“, вели Ристов.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk