logo
logo
logo

Нов Закон за благосостојба на животните

КОНЕЧНО КАЗНИ ЗА НЕЛУЃЕТО: СУРОВО ОДНЕСУВАЊЕ ИЛИ УБИВАЊЕ = КАЗНА 5.000 ЕВРА, забрана за куче постојано врзано на ланец

Vecer | 01.05.2026

КОНЕЧНО КАЗНИ ЗА НЕЛУЃЕТО: СУРОВО ОДНЕСУВАЊЕ ИЛИ УБИВАЊЕ = КАЗНА 5.000 ЕВРА, забрана за куче постојано врзано на ланец

Новиот предлог-закон за заштита и благосостојба на животните најавува радикални промени во справувањето со напуштањето и неконтролираното размножување на милениците.

Законското решение воведува драстични парични санкции, па така за несоодветно чување и шетање куче е предвидена казна од 400 евра, додека за мачење, сурово однесување или убивање животни глобата достигнува и до 5.000 евра. Посебно строга мерка е воведувањето на трајна забрана за чување миленици за секој сопственик кој еднаш ќе го напушти своето животно.

Една од клучните новини е задолжителната стерилизација на домашните кучиња и строгата контрола на одгледувачниците. Се забранува неконтролирано размножување, како и продажба или подарување миленици од страна на нерегистрирани лица. Регистрираните одгледувачи ќе можат да имаат само едно легло годишно по женка и ќе мора да го пријават кај ветеринар. Дополнително, се става крај на постојаното држење на кучиња на ланец, при што сопствениците ќе бидат обврзани да им овозможат слободно движење барем еднаш во денот.

Член 4: „…На сопственикот кој ќе го напушти својот миленик трајно му се забранува држење на миленици; Се забранува неконтролирано размножување, продажба и давање на подарок домашни миленици… Се забранува чување на домашен миленик – куче, постојано врзано на ланец или во затворен дел од ограден простор, без да се овозможи слободно движење надвор од тој простор најмалку еднаш во денот, со цел да се задоволат неговите физиолошки и физички потреби… Се збаранува зашеметување, колење или усмртување на животни за ритуални цели…“, се дел од измените предвидени со предлог-законот.

Наместо досегашните стационари, законот предвидува формирање на Центри за трајно згрижување и вдомување на бездомните животни. За спроведување на овие правила, покрај Агенцијата за храна и ветеринарство, ќе бидат задолжени и Комуналниот инспекторат и Министерството за внатрешни работи. Иако предлогот во моментов се движи низ меѓуинституционалните лавиринти, веќе е најавена негова јавна презентација низ осумте плански региони со цел побрзо усогласување и почеток на примената.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk