logo
logo
logo

„ДА КУПУВАМЕ МАКЕДОНСКИ ПРОИЗВОДИ, земјоделството е стратешки приоритет на оваа Влада“, порача премиерот Мицкоски

Vecer | 14.06.2025

„ДА КУПУВАМЕ МАКЕДОНСКИ ПРОИЗВОДИ, земјоделството е стратешки приоритет на оваа Влада“, порача премиерот Мицкоски

На манифестацијата „Од нива до трпеза“ што се одржува денеска во Скопје премиерот Христијан Мицкоски испрати порака за поддршка на македонското земјоделство, истакнувајќи дека Владата е посветена на неговиот развој и поддршка на производителите.

„Македонија има потенцијал и тоа не е фраза, тоа е факт. Имаме сонце, имаме вода, имаме плодна почва. Но пред се имаме луѓе. Луѓе кои не се плашат од рани зори, од кал на рацете, од работа до доцна навечер. Тие се вистинските херои на нашето време. Тие се столбот на економијата, на традицијата и на иднината“, рече премиерот Мицкоски.

Тој потенцираше дека земјоделството е стратешки приоритет на Владата, нагласувајќи дека во изминатите единаесет месеци се исплатени над 8 милијарди денари во субвенции и финансиски поддршки кон земјоделците.

„Ова не се празни зборови, ова се конкретни дела. Ова се податоци кои говорат за еден нов пристап, нова енергија и јасна визија: да го подигнеме агросекторот, да ги мотивираме младите, да ја дигнеме довербата на земјоделецот“, изјави премиерот, повикувајќи ги граѓаните да ја поддржат домашната продукција со купување македонски производи.

Во продолжение следува интегрален текст од обраќањето на Христијан Мицкоски.

Манифестацијата „Од нива до трпеза“ не е само пазар или саем. Таа е симбол. Симбол на цел еден синџир кој започнува со утринската роса на македонските полиња, продолжува низ потта на земјоделецот, преку вештината на преработувачот, до вкусот кој го чувствуваме во секое домашно јаболко, секое сирење, секој домат од македонска земја.

Македонија има потенцијал-и тоа не е фраза, тоа е факт.

Имаме сонце, имаме вода, имаме плодна почва. Но пред сè-имаме луѓе. Луѓе кои не се плашат од рани зори, од кал на рацете, од работа до доцна навечер. Тие се вистинските херои на нашето време. Тие се столбот на економијата, на традицијата и на иднината.

Како Влада, решени сме да ја вратиме честа и вредноста на македонскиот земјоделец. Земјоделството е стратешки приоритет на оваа Влада.

Во период од само единаесет месеци, исплативме вкупно 8 милијарди 662 милиони денари за заостанати субвенции и редовни исплати кон земјоделците – тоа е конкретна поддршка, тоа се пари кај луѓето што ја хранат државата!

Направивме законски измени со кои земјоделските задруги конечно станаа препознаени и евидентирани, со што го олеснуваме нивното здружување и настап на пазарот.

Распишан е Јавен повик за финансиска поддршка за економско здружување на земјоделските стопанства и за заедничко вршење на земјоделска дејност.

Откупувачите на тутун ја зголемија откупната цена од 375 на 400 денари за прва класа, а Владата ја зголеми субвенцијата од 80 на 100 денари по килограм.

Беше распишан Јавен повик за мерката помош на млади земјоделци, и добивме 254 апликации од нова генерација земјоделци која сака да остане тука и да гради иднина во татковината.

Во 2024 година, за првпат се постигна највисока откупна цена за винските сорти.

Ова не се празни зборови-ова се конкретни дела. Ова се податоци кои говорат за еден нов пристап, нова енергија и јасна визија:

да го подигнеме агросекторот, да ги мотивираме младите, да ја дигнеме довербата на земјоделецот.

Нашата визија е „македонско на македонската трпеза“.

Да создадеме економија на храна која е одржлива, извозно ориентирана, но и задоволна. Да ги поддржиме локалните производители, од најмалото село до најголемата задруга.

Денес, од оваа манифестација, упатувам апел до сите наши граѓани:

Купувајте македонско. Почитувајте го домашното. Поддржете го трудот на оние што ја чуваат нашата трпеза жива.

Нека биде ова заедничка мисија-мисија на солидарност, патриотизам и економски разум.

На настанот 25 општини од државава ги претставуваат своите домашни производи помеѓу кои има разни винарии, пекари, мед и рачни изработки.

Настанот, кој го организира здружението „Наша традиција, наша иднина“ со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, има за цел да ја промовира традиционалната македонска храна, карактеристична за секоја општина, како и убавините на нашиот рурален туризам.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk