logo
logo
logo

Роднините на загинатите во Ласкарци: „Трагедијата не заврши со денот на трагичниот настан...“. Врховен суд греши

Vecer | 21.09.2026

Роднините на загинатите во Ласкарци: „Трагедијата не заврши со денот на трагичниот настан...“. Врховен суд греши

Семејствата на загинатите и повредените во автобуската несреќа кај Ласкарци реагираат по одлуката на Врховниот суд да ја укине пресудата на Апелациониот суд и предметот да го врати на повторно одлучување.

Во реакцијата, поткрепена со своерачни потписи на членовите на семејствата, тие велат дека одлуката повторно ги отвора траумите со кои се соочуваат по трагедијата.

„Трагедијата не заврши со денот на трагичниот настан. Таа остави тешки и долготрајни психолошки и здравствени последици врз семејствата“, се наведува во реакцијата.

Семејствата посочуваат дека дел од родителите на загинатите не ја дочекале правдата што ја очекувале со години.

„За жал, некои од родителите кои ги загубија своите деца не ја дочекаа правдата што со години ја очекуваа. Потсетуваме дека човечкиот живот нема цена. Ниту една пресуда не може да ги врати нашите најмили, но правдата е најмалку што државата им го должи на жртвите, повредените и нивните семејства“, велат тие.

Од семејствата бараат постапката да продолжи врз основа на фактите и доказите изнесени во судскиот процес, без дополнително одолговлекување.

„Она што го бараме е правда заснована на фактите и доказите изнесени во текот на судскиот процес, кои недвосмислено укажаа на причините што доведоа до трагедијата и врз основа на кои беше утврдена одговорноста во првостепената постапка, а потоа и во второстепената“, се наведува во реакцијата.

Тие бараат да нема дополнителни одложувања и компромиси при утврдувањето на одговорноста за загинатите.

„Законот мора да важи еднакво за сите, а правдата мора да биде достапна за секој граѓанин“, порачуваат семејствата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk