Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати силен апел до младите во државата, порачувајќи дека вистинскиот успех и личниот просперитет најцврсто се градат во татковината. На Регионалната министерска конференција посветена на демографската отпорност, тој истакна дека Владата започнува со спроведување на нова, системска стратегија која ќе овозможи секој граѓанин да гледа сигурна иднина во својата татковина.
Мицкоски потенцираше дека времето кога на демографските промени се гледаше само како на сува статистика е завршено.
- Ова не е само уште една конференција, ова е разговор за иднината на нашите народи, за тоа какви држави ќе оставиме зад нас, дали ќе создадеме општества во кои младите ќе сакаат да останат, семејствата ќе сакаат да создаваат иднина, а повозрасните ќе живеат достоинствено - истакна Мицкоски.
Како клучен одговор на овие предизвици, премиерот ја најави Стратегијата за демографска отпорност за периодот 2026 – 2046 година.
- Нашиот пристап е јасен: наместо политика на страв, градиме политика на отпорност, наместо краткорочни мерки, создаваме долгорочна стратегија, наместо декларативни заложби, поставуваме системски решенија. Токму затоа ја подготвивме новата стратегија за демографска отпорност 2026 - 2046 - не како формален документ што ќе остане на хартија, туку како национална рамка за иднината на државата, рече Мицкоски.
Во своето обраќање, Мицкоски ги повика граѓаните на колективна одговорност кон татковината, порачувајќи дека не може континуирано да се бара од системот без притоа сите заедно да придонесуваме за неговата стабилност. Тој беше дециден дека каков систем ќе изградиме, таков и ќе ни врати, нагласувајќи дека секој поединец е важен во процесот на градење посилна економија и подобри услови за живот.
Посебна порака беше упатена до младите генерации, кои премиерот ги повика своите соништа да ги остваруваат во Македонија. Тој апелираше младите да не придонесуваат во туѓи економии, туку да бидат двигатели на промените во сопствената земја.
Според него, само преку силна работа и верба во домашните капацитети може да се обезбеди заедничката иднина во заедничката татковина, потенцирајќи дека дома треба да сонуваме и дома треба да ја градиме нашата заедничка среќа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата