ТРИ КЛУЧНИ МЕРКИ ЗА МЛАДИТЕ: 20% ПОЕВТИНИ СТАНОВИ, БЕЗ КОМУНАЛИИ ЗА КУЌА И 20% ПОВЕЌЕ УСЛУГИ ЗА СТУДЕНТИТЕ (ВИДЕО)

Vecer | 22.11.2026

ТРИ КЛУЧНИ МЕРКИ ЗА МЛАДИТЕ: 20% ПОЕВТИНИ СТАНОВИ, БЕЗ КОМУНАЛИИ ЗА КУЌА И 20% ПОВЕЌЕ УСЛУГИ ЗА СТУДЕНТИТЕ (ВИДЕО)
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христија Мицкоски, денеска од конференцијата на Унијата за млади сили на партијата, најави три клучни мерки за младите. Првата, како што рече, е поевтини станови за млади брачни двојки до 35 години, за 20 проценти.

– Сакам да објавам три мерки, проекти за младите, кои ценам дека ќе ги решат најважните прашања кај младите – а тоа се егзистенцијата и домувањето. Нашата борба е со проекти и дела. Првата мерка којашто денеска ќе ја објавам, а којашто наскоро ќе се најде како закон пред пратениците е мерка во која ниту една градежна компанија што има намера да гради станбени единици, згради, без разлика во кој град и без разлика на кое место во Македонија, не може да добие дозвола за градба ако не оддели минимум 10 проценти станбена површина за брачни парови до 35 години, по цена која што ќе биде најмалку 20 проценти пониска од пазарната цена – нагласи Мицкоски.

Тој порача дека тоа е негова порака до сите градежни компании и оти по донесувањето на овој закон нема веќе дозволи за градење, нема веќе бетонизација, туку ќе биде хумано градење и домување, а за младите брачни двојки до 35 години 10 проценти од станбените единици, минимум 20 проценти попуст од секој метар квадратен во зградата.

– И ова ќе биде регулирано со закон, има политички партии што се обидуваат да прават естрада дека требало од буџетот да субвенционираме еден, два проценти од каматните стапки.. Не еден, два, туку минимум 20 проценти пониска цена. Ова е вистинска мерка – порача Мицкоски.

Брачни двојки до 35 години нема да плаќаат комуналии за градење куќа

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во обраќањето на конференцијата на Унијата на млади сили најави уште една важна мерка за младите – брачни двојки до 35 години нема да плаќаат комуналии за градење куќа.

– Втората мерка за млади до 35 години е за секој оној кој ќе гради дом или своја куќа каде што ќе го гради своето семејство, преку закон повторно пред македонскиот парламент ќе донесеме одлука со којашто општините нема да плаќаат комуналии – рече Мицкоски.

Тој кажа дека тоа ќе се однесува на целата територија на Македонија.

– За куќа, за брачен пар до 35 години општините нема да наплаќаат комуналии. На цела територија на Македонија. Не еден процент субвенција во каматната стапка, не два процента, не три проценти. Нула комуналии за сите брачни парови до 35 години што ќе се одлучат да градат куќа, свој дом – нагласи Мицкоски.

Премиерот на конференцијата најави три клучни мерки за младите, за коишто рече дека ќе ги решат најважните прашања кај младите – а тоа се егзистенцијата и домувањето.

Дваесет проценти поголеми средства за студентски оброк и многу други услуги преку М-услуги

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, најавувајќи три клучни мерки за младите на конференцијата на Унијата на млади сили, како трета мерка најави 20 проценти поголеми услуги за студентите и младите, не само за студентскиот оброк, туку и за многу други услуги преку апликацијата М-услуги.

– Третата мерка, којашто во јавноста често е експлоатирана, а ја зборувавме со претставници на студентските организации во мојот кабинет е студентската картичка или студентскиот оброк. И тогаш, а и сега, сакам да кажам дека како професор, педагог и човек којшто секојдневно другарува и разговара, живее со млади луѓе, целта не може да ми биде ниту мене, ниту на моите соработници во Владата различна од тоа да бидеме пријатели и на студентите и на младите луѓе. За таа цел, разработуваме, заедно со Генералниот секретаријат, заедно со Министерството за образование, Министерството за финансии, Министерството за дигитална трансформација, апликација преку М-услуги концептот, секој студент да не добие усогласување со она што се вели инфлација, трошоци за живот, зголемување на оброкот, туку да добие најмалку 20 проценти поголеми услуги, не за топлиот оброк, туку за многу други услуги што ќе ги има користејќи ја апликацијата М-услуги – рече Мицкоски.

Тој истакна дека тоа е нешто што го немаат ниту студентите во Европската Унија, а тоа ќе го имаат студентите овде, во нашата Македонија. 

– И кога ќе заврши буџетот за тој месец, да продолжат со користење на оваа апликација, да имаат дополнителни услуги кои ќе ги користат до крајот на месецот, до почетокот на следниот месец – рече премиерот. 

Мицкоски ги сумираше трите проекти за младите – првиот, стан со најмалку 20 проценти попуст од пазарната цена, вториот – нула комуналии за куќа за брачна двојка до 35 години, и сето ова преку закон и третиот М-услуги привилегии за студентите и за младите луѓе – најмалку 20 проценти. 

Мицкоски кажа дека овие мерки за младите ќе ги решат најважните нивни прашања – а тоа се егзистенцијата и домувањето, нагласувајќи дека нивната борба е со проекти и дела. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk