logo
logo
logo

КАДЕ ЌЕ ЛЕТУВААТ МАКЕДОНСКИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ?

Vecer | 07.08.2025

КАДЕ ЌЕ ЛЕТУВААТ МАКЕДОНСКИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ?

Почетокот на август традиционално го стивнува политичкиот пулс во Македонија, а по прославите за Илинден, најголем дел од функционерите решаваат да здивнат и да одморат со семејствата. Иако се работи само за неколку дена, оваа пауза доаѓа токму пред активната политичка есен и првиот круг од локалните избори што ќе се одржи во октомври.

Според информациите на Плусинфо, дел од министрите пак сѐ уште не знаат каде ќе летуваат. Иако одлучиле да имаат неколкудневен одмор, сѐ уште размислуваат на која дестинација ќе бараат пазуа од обврските.

Од владината прес-служба потврдуваат дека премиерот Христијан Мицкоски во следните четири дена ќе користи годишен одмор и ќе престојува во Хрватска. Тоа ќе биде кратка пауза, пред повторно да се врати на своите обврски со полн интензитет.

Од кабинетот на министерот Тимчо Муцунски информираат дека тој веќе е на годишен одмор и моментално престојува со семејството во Турција, каде ќе остане неколку дена.

И министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, ќе ги искористи летните денови – неговата дестинација е Црна Гора, каде ќе одмара во траење од една недела.

Од кабинетот на министерката за енергетика, Сања Божиновска, потврдуваат дека таа ќе патува во Прага, каде ќе го помине својот годишен одмор.

Од друга страна, дел од министрите сè уште не одлучиле каде ќе летуваат. Иако имаат намера да одморат неколку дена, некои од нив сè уште размислуваат која дестинација е вистинската за ова лето.

Кој нема да оди на одмор?

Според достапните информации, министерката за образование Весна Јаневска нема да користи одмор и ќе остане во Скопје, каде ќе продолжи со работните активности.

Исто така, министерот за здравство Азир Алиу нема да користи годишен одмор оваа година, покажувајќи фокус на своите обврски и ангажмани.

Сиљановска Давкова работи – но од Охрид

Иако не е на класичен одмор, претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова во моментов се наоѓа во претседателската вила во Охрид, од каде ги извршува своите обврски. Вчера имаше две официјални средби, што ги објави и на својот профил на Фејсбук. Според нашите извори засега не е познато до кога ќе остане таму, но ако е потребно, подготвена е веднаш да се врати во Скопје.

Африм Гаши сè уште со работни активности

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, според информации од неговиот кабинет, во петок или сабота треба да ги распише локалните избори, поради што засега нема информации дали воопшто ќе користи одмор. Тој беше активен и изминатите денови, додека пратениците веќе се на годишен одмор. Очекувањата се дека ќе се вратат на работа во втората половина на август.

Кратка пауза пред политичката есен

Сите овие активности се дел од кратките летни одмори кои функционерите ги користат за да наполнат батерии пред повратокот на работните и партиските обврски. Почетокот на октомври носи прв круг од локалните избори во Македонија, па владините претставници, а особено пратениците, ќе бидат во полн ангажман – во поддршка на изборните кампањи, градоначалничките кандидати и советничките листи на своите партии.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk