Поради првомајските празници и продолжениот викенд, се очекува зголемен интензитет на сообраќајот на граничните премини кон Грција. Најголем бран патници се очекува да тргне уште во четврток попладне и навечер, додека најголеми гужви се најавуваат во петок наутро.
Најоптоварен граничен премин се очекува да биде Богородица – Евзони, главниот влез во Грција, но засилени задржувања се можни и на Дојран, како и на Прешево при излез од Србија.
Според проценките, првиот бран ќе започне денес попладне, кога граѓаните ќе тргнат по завршување на работните обврски. Вториот, и најсилен бран, се очекува во петок наутро, кога традиционално најголем број патници заминуваат на продолжен викенд.
Посебно чувствителна точка ќе биде преминот Богородица – Евзони, каде што во исто време се среќаваат возила од Македонија, Србија и други земји од регионот. Иако во одредени периоди задржувањата може да изгледаат умерени, ситуацијата може брзо да се промени.
Како алтернативен правец, дел од патниците го избираат Дојран, но и таму за време на празниците може да има значителни гужви, особено ако повеќе возачи истовремено се пренасочат од Евзони.
За враќање од Грција, најголеми задржувања се очекуваат во недела попладне и навечер. Најкритични точки повторно ќе бидат Евзони (излез од Грција), Дојран и Прешево при влез во Србија.
Надлежните и туристичките портали препорачуваат граѓаните да го планираат патувањето навреме, да го следат состојбата на граничните премини во живо и, доколку е можно, да избегнат патување во најфреквентните термини. Дури и разлика од еден до два часа може значително да го намали времето на чекање.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата