Дали функционерските плати ќе се намалат или замрзнат е прашањето кое се наметна во јавноста откако во Собранието во скратена постапка помина пакетот закони со кои се намали коефициентот со кој се пресметува платата на функционерите.
Станува збор за измени на законите за плати на пратениците, плати на избрани и именувани лица, судии и обвинители и членови на Совет на обвинители и Совет на судии. Овие измени доаѓаат на само неколку дена пред да им „легне“ во банка февруарската плата на над илјада назначени фунционери.
Прашањето кое се наметна во јавноста е за колку денари ќе биде помала платата што ќе ја добијат функционерите во март. Тоа значи дека со предложените измени се намалува коефициентот кој се множи со просечната плата за премиерот, преседателот на државата, собранискиот спикер, министрите, пратениците, градоначалниците и директорите.
Премиерот Христијан Мицкоски кој според последните информации на веб страницата на Владата имал основна плата од 140.450 денари, со намалувањето на коефициентот од 3,47 на 3,17 во март на сметка ќе му легнат 140.469 денари. Практично, околу 13.000 денари помалку на основната полата отколку што би примил доколку не се намалил коефициентот за функционери.
Доколку не се намалеше коефициентот со усогласувањето со просечната плата за 2024 година која се зема како репер, ќе требаше да добие 153.762 денари основица која со стажот ќе изнесуваше 184.514 денари, што е околу 30.000 денари, или 500 евра, помала плата за премеирот.
Основната плата на претседателката Гордана Силјановска Давкова изнесува 140.469 денар, а со тоа што таа веќе има полни 40 години стаж, тоа значи дека основицата ќе и изнесува 168.824 денари.
Коефициентот на пратениците со предлог измените се очекува да се намали од 2.69 на 2.45 со што нивната јануарска плата од 108 877 денари нема да се зголеми туку останува 108 564 денари.
Министрите со овие измени ќе добијат намален коефициент на плата од 2,85 на 2,6 што значи дека нивната јануарска плата од 115.353 денари нема да се зголеми за околу 10.000 денари, туку ќе остане приближно иста на 115.211 денари.
Според предлагачите на законските измени, намалувањето на коефициентот ќе им донесе 10 до 13.000 денари помала плата на функционерите.
„За пратениците и функционерите во извршната власт ги намалуваме коефициентите со што директно го кратиме буџетскиот товар. За судиите и јавните обвинители предвидуваме усогласување на коефициентите со цел нивните плати да бидат во корелација со реалните економски можности на државата. Додека за градоначалниците предлагаме нова скала зависно од бројот на жители“, изјави пратеникот Бојан Стојаноски.
Обвинителите бараа повлекување на одлуката
Во списокот на функционери на кои ќе добијат помала од очекуваната плата се обвинителите и судиите. Први со бурна реакција беа Здружението на Обвинители, кое побара од пратениците да ја трнат точката од дневен ред на планарната седница.
Според предлог измените на законот за плати на обвинителите, платите на основните обвинители во март ќе пораснат за 273 денари, додека на обвинители од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе им порасне платата за 134 денари наместо зголемување од 10-12.000 денари.
Според Здружението, неуставен е обидот на владата за промена на коефициентоте во нивните плати, затоа што според законот за платите на јавните обвинители, нивната плата може да биде промената само при утврдена дисциплинска постапка.
„Сметаме дека тоа е противуставно и незаконито решение со кое се загрозува независноста на јавните обвинители преку економски притисок“, се вели во нивната реакција.
Дополнително оттаму велат дека нивната плата која се движи од 90.000 до максимални 130.000 денари е најниска во регионот каде што обвинителските плати се од 100 до 270 илјади денари. Обвинителите обвинуваат дека законски предвидените додатоци за сложеност на трудот со години наназад не им се исплаќаат поради недостаток на средства во Буџетот.
На ваквото барање на обвинителите пратениците од власта им порачаа да работат на зголемување на довербата, а не да мислат само на плати
„И наместо да земат и да работат на зголемување на онаа 2% доверба од граѓаните, тие исклучиво мислат само на плати. Но, ќе повторам се работи за мала група на луѓе коишто се под контрола на СДС и ДУИ, инаку и таму има многу чесни луѓе коишто за жал не можат да дојдат до израз од овие“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски.
Коефициентите за функционерите досега два пати се намалија
Ова е трето намалување на коефициентите за функционерските плати откако Уставниот суд ја „одмрзна основицата“.
Во декември 2024 година, пратениците во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, Дафина Стојаноска и Ели Панова поднесоа предлог измени на Законот за плата и други надоместоци на избрани и на именувани лица, со кои се намалија коефициентите на платите.
Тогаш од 3.92 како најголем коефициент утврдување на платата на претседателот на државата, претседателот на Собранието и премиерот беше намален на 3,47.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата