Официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека индустриското производство во 2026 година бележи раст од 7,6% во однос на 2025 година, при што целокупната економска активност останува во позитивна зона, со раст од 0,2%, соопштија денеска од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што наведуваат од партијата, носител на овој раст е преработувачката индустрија, секторот кој создава најголема додадена вредност и претставува главен двигател на економскиот развој и на извозот. Домашните компании имаат капацитет да растат, да вработуваат и да освојуваат нови пазари, кога им се обезбедени соодветни услови за работа.

Клучна алатка зад овие резултати е кредитната линија од 230 милиони евра, која Владата ја обезбеди како силна финансиска поддршка за стопанството. Овие средства веќе се во нови инвестиции, нова опрема, поголемо производство и проширени капацитети кај домашните претпријатија, што е конкретен доказ дека мерките на Владата директно се префрлаат во реалниот сектор и даваат опипливи резултати.
Зад овие бројки, кои не се само статистика, стојат отворени работни места, зголемени плати и компании кои растат. Тоа е потврда дека насоката е вистинска и дека македонската економија чекори кон поголема стабилност и конкурентност.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со ваквата поддршка на домашната економија, на македонските компании и на македонските работници, бидејќи токму на овој начин се обезбедува повисок животен стандард, повисоки плати и посилна економија за сите граѓани, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата