Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против 6 лица, поради учество во убиство и во обид за убиство при престрелката која се случи ноќта меѓу 10 и 11 февруари, во скопската општина Чаир, соопшти Јавното обвинителство.
Постапка е поведена и за уште 2 лица за помагање по извршување на кривичното дело, затоа што по настанот сокриле 2 пиштоли, помагајќи на дел од осомничените да не бидат откриени.
„На критичниот ден, на паркинг на улицата Втора македонска бригада, по претходна вербална расправија поради сообраќајно недоразбирање кај поликлиниката Чаир, започнала вооружена престрелка меѓу две групи. При тоа првоосомничениот 28-годишник, со употреба на огнено оружје, со умисла го лишил од живот оштетениот Хебиб Буњаку и го довел во опасност животот на уште едно лице. Уште петмина осомничени, исто така директно учествувале во престрелката, возвраќајки со дејствија на помагање и соизвршителство во убиство и во обид за убиство. Последните двајца осомничени, по престрелката сокриле 2 од пиштолите користени во оружениот инцидент“, соопшти Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител предложи мерка притвор за двајца осомничени за убиство и за обид за убиство, како и мерка куќен притвор за уште еден од осомничените. Притвор е предложен и за двајцата осомничени за кривично дело помагање на сторител по извршено кривично дело.
По 3 лица полицијата сè уште трага. Се преземаат и натаму дејствија за целосно расчистување на настанот, се вели во соопштението на ЈО.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата