Ѓорѓи Галатановски веќе подолг период се профилира како еден од можните кандидати на СДСМ за градоначалник на Град Скопје. Тој ги потврдува ваквите информации, а според најавите за еден месец ќе се знае кандидатот.
Гелатановски истакна дека конечната одлука ќе ја донесе членството, но дека за него е важно и мислењето на сите граѓани на Скопје.
„Како што кажа претседателот Филипче, кандидатите ќе бидат познати до некаде средината на април, а во внатрепартиските анкети се наоѓа и моето име. За тоа дали ќе бидам градоначалник ќе одлучи членството, но мене не ми е важно само членството – ми е важно што мислат и Скопјани кои не се партиски определени, бидејќи и нивните гласови се важни“, изјави Гелатановски за Локално.
Гелатановски смета дека во фокусот на идниот кандидат за градоначалник на главниот град треба да биде целосната деполитизација на градската администрација, но и креирањето програми за младите, кои треба да добијат поголем простор во локалната власт.
На прашањето кои проекти треба да бидат во фокусот на идната градска администрација, Гелатановски истакна дека најконкретните решенија мора да бидат насочени кон решавање на горчливипроблеми како што се загадениот воздух, јавниот превоз и хигиената. Тој, исто така, посебен акцент стави на реконструкцијата на Зоолошката градина, за која смета дека мора темелно да се обнови.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата