logo
logo
logo

СТРАШНИ РЕЗУЛТАТИ: Македонија со највисока смртност од аерозагадување во Европа

Vecer | 12.01.2025

СТРАШНИ РЕЗУЛТАТИ: Македонија со највисока смртност од аерозагадување во Европа

По речиси две недели енормно аерозагадување, воздухот во Македонија конечно се расчисти поради временските прилики. Мерните станици покажуваат дека нивото на загаденост е ниско.

Повикувајќи се на извештај на Европската комисија и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), Еуроњуз денеска пишува дека најпогодена од загадувањето на воздухот е Македонија, а по неа Србија. Се посочува дека земјава има највисока стапка на смртност како последица на загадувањето на воздухот.

Албанија, Бугарија и Црна Гора исто така се наведуваат како земји со високо ниво на загадување.

Во 2021 година, Светската здравствена организација (СЗО) ги ажурираше своите упатства за квалитетот на воздухот, намалувајќи го препорачаниот праг за годишни концентрации на азот диоксид и мали честички (PM2.5), како што се прашина, чад и саѓи од издувните гасови.

Во декември лани, Европската Унија усвои построги правила за квалитетот на воздухот, со цел да ги приближи своите стандарди до препораките на СЗО до 2030 година.

Овие правила ги обврзуваат земјите-членки редовно да ги следат ПМ честичките, јаглеродот и амонијакот што се ослободува во воздухот.

Како што се посочува во текстот на Еуроњуз, периодов сите земји членки на ЕУ пријавуваат повисоки нивоа на азот диоксид од оние што ги препорачува Светската здравствена организација.

Според извештаите на Европската агенција за животна средина, изложеноста на PM2.5 честичките предизвикало околу 239.000 предвремени смртни случаи во Европа во 2021 година, додека уште 48.000 луѓе починале како резултат на изложеност на азот диоксид.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk