logo
logo
logo

НОВА ДИГИТАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА НАУКАТА: МОН ја пушти „е-наука“, сите истражувачи и нивните резултати на едно место

Vecer | 25.08.2026

НОВА ДИГИТАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА НАУКАТА: МОН ја пушти „е-наука“, сите истражувачи и нивните резултати на едно место

Науката добива нова дигитална алатка – Министерството за образование и наука го промовираше јавниот портал „е-наука“, кој станува единствена национална база на податоци за истражувачите и научно-истражувачките организации во земјава. Преку платформата ќе може да се следат нивната работа, статистиките и научните резултати, а преку поврзувањето со Web of Science, Scopus и Google Scholar ќе бидат достапни и податоци за цитираноста и h-индексот на истражувачите.

„Ги охрабрувам сите истражувачи од државните и приватните универзитети и високообразовни установи, од јавните и од приватните научни установи, научни институти и од МАНУ, како и самостојните истражувачи што работат во Македонија, но и истражувачите со македонско потекло кои работат на странски универзитети, да пополнат апликација и да влезат во електронскиот регистар е-наука. Тој е транспарентна и сеопфатна алатка за откривање на нивната работа на домашна и меѓународна научна сцена“, изјави Јаневска.

Досега на порталот се регистрирале 229 истражувачи, за кои се прикажани податоци за формалното образование, вработувањето, научното звање, установата, научното поле, како и резултатите од глобалните научни бази.

Преку платформата се овозможува и директно поврзување на науката со бизнис-секторот и со јавните институции.

„Преку напредни пребарувања, бизнисите сега можат да идентификуваат кој научник или истражувач се занимава со областа што им е од интерес, а тоа поттикнува нови партнерства, го претвора знаењето во економска вредност и ги забрзува иновациите“, појасни министерката Јаневска.

Платформата е достапна и за меѓународните универзитети и глобалните истражувачки центри, што според МОН ќе отвори можности за заеднички апликации за грантови и коавторства на научни трудови.

Јаневска посочи дека средството одвојувано за научно-истражувачка дејност бележи континуиран раст, од 380 милиони денари во 2024 година, преку 680 милиони во 2025 година, до 773 милиони денари во овогодишниот буџет. Во тек е реализација и на проекти од национален интерес вредни над 370 милиони денари, а за кадарот е обезбеден и бесплатен пристап до базите Web of Science и Scopus.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk