logo
logo
logo

СЕ БАРА СМЕНА НА МОНИКА ЗАЈКОВА: „Неморални и безидејни се нејзините обиди за коалиција со СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ“

Vecer | 14.06.2025

СЕ БАРА СМЕНА НА МОНИКА ЗАЈКОВА: „Неморални и безидејни се нејзините обиди за коалиција со СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ“

Членството на Либерално-демократската партија (ЛДП) изразува сериозно незадоволство од актуелното раководство на партијата и директно ја посочува претседателката Моника Зајкова како одговорна за, како што велат, „катастрофалната состојба“ во која се наоѓа ЛДП. Иницијативен одбор, кој според нив го поддржуваат две третини од активните општински организации, денеска испрати јавно соопштение до медиумите во кое бара нејзино итно повлекување.

„Наместо одговорност, Зајкова излегува по медиуми и се фали со подготвеност за самостоен настап, негирајќи го очигледното незадоволство. Вистината е дека од 80-тина општини, само три рурални изразиле подготвеност да состават листи за советници. Урбаните средини, каде што ЛДП традиционално имала поддршка, ја бојкотираат нејзината линија на водење,“ стои во соопштението.

Иницијативниот одбор обвинува дека партијата е „киднапирана“ од Зајкова и нејзин тесен круг на приврзаници, со што ЛДП, според нив, е сведена на фиктивни организации со минимален број членови, додека се елиминирани гласовите на искуството, различното мислење и теренската работа.

Во соопштението се истакнува дека обидите на претседателката да создаде советнички листи ќе бидат без поддршка од мнозинството членство, а најавите за можно коалицирање со поголеми партии како ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ се оценети како „неморални и безидејни“.

„Обединување на ЛДП е можно само со нејзино повлекување. Поразот што ќе го претрпи на локалните избори нема да биде само нејзин личен пораз, туку тежок удар за партијата. Затоа бараме веднаш да се формира кризен штаб кој ќе ја подготви ЛДП за престојните избори и ќе ги санира последиците од штетната политика што ја водеше досега,“ апелира иницијативниот одбор.

Членовите предупредуваат дека секој обид за коалициско делување без јасен легитимитет и внатрепартиски консензус ќе наиде на остар отпор, и оти секој што ќе коалицира со актуелната претседателка треба да биде свесен дека ќе добие минимална поддршка од базата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk