Утре напладне во Собранието на Република Македонија ќе се одржи лидерска средба со претседателите на парламентарните политички партии.
Средбата, како што е најавено, ќе се одржи во Кристалната сала на Собранието во 12 часот.
-Важно е да постигнеме било каков договор кој што ќе не води кон предвидливо сценарио, а нема да не втурне во било каква уставна или политичка криза. Така што, како ВМРО-ДПМНЕ, ние нашите принципи сме ги кажале многу пати во минатото дека не можеме да си дозволиме од многу причини раздвоени избори, дека споени или заеднички избори – претседателски или парламентарни – се решение. Добро е да се земе почетокот на мај како потенцијален оквир за постигнување решение, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за „Гласот на Америка“ неодамна.
Останува нејасно дали евроинтеграциите ќе бидат тема на лидерската средба.
Премиерот Димитар Ковачевски во најавата дека ќе свика лидерска средба ги посочи како една од темите на кои ќе се разговара, но тие не се најдоа на агендата што опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја објави како прифатлива за одржување на лидерска средба.
Евроинтеграцијата, редовните претседателски и парламентарни избори, како и измените на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, ги посочи премиерот Димитар Ковачевски, како теми на лидерска средба.
Од ВМРО-ДПМНЕ, потоа излегоа со став дека е прифатлива лидерска средба, но на која би се разговарало за конечно прецизирање на датум за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, како и понудата за укинување на техничка влада, во замена за тоа да нема технички премиер од ДУИ.
Мицкоски за “Гласот на Америка“ го потврди ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека е за укинување на техничката влада, бидејќи смета дека со техничката влада не добива државата, туку напротив губи.
- Ставот на ВМРО-ДПМНЕ го кажав јавно, дека ние сме подготвени да интервенираме во Законот за влада и во Изборниот законик и да го избришеме делот каде што стои техничка влада. Јас се уште стојам на тој став и мислам дека со техничката влада не добива државата, напротив - губи, и можеби би ви делувало чудно што јас од позиција на опозиција ... подготвен сум да преговарам во свое име и од името на ВМРО-ДПМНЕ. Но тоа е став кој што како ВМРО-ДПМНЕ го донесовме, а јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ го рефлектирав во јавноста, рече Мицкоски и додаде дека доколку не се интервенира во Законот за влада и во и Изборниот законик, ВМРО-ДПМНЕ би номинирала свои членови на кабинетот во таа техничка влада.
Премиерот Димитар Ковачевски, вчера рече дека успешна лидерска средба значи дека политичките партии ќе седнат на маса и нема да постои уценување од една политичка партија кон друга.
-Очекувам конструктивна лидерска средба во која ќе учествуваат сите политички партии застапени во Парламентот, бидејќи тоа е начинот на кој функционира едно демократско општество, каде што сите кои учествуваат во еден натпревар треба да имаат збор во начинот на кој се организира натпреварот, изјави вчера Ковачевски.
Финалниот збор за датумот на одржување на парламентарните и претседателските избори, како што рече тој, треба да го кажат партиите, но според календарот најголема можност за такво нешто е во месецот мај.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата