За првпат во земјава ќе се воведе национален испит и сертификација за внатрешни ревизори во јавниот сектор. Министерството за финансии ќе го спроведува испитот за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор, со што се воспоставува национален систем на сертификација и се создаваат услови за поголема професионалност и зајакнување на внатрешната финансиска контрола во институциите. Од Министерството велат дека мерката е дел од активностите за поодговорно, потранспарентно и законско работење на јавниот сектор.
-Спроведувањето на испитот и сертификацијата на внатрешните ревизори ќе значат директно зајакнување на капацитетите на единиците за внатрешна ревизија кај субјектите од јавниот сектор. Истовремено, ова претставува уште една конкретна потврда на заложбите на Министерството за финансии за зајакнување на механизмите за борба против корупцијата и обезбедување законско и одговорно работење на субјектите од јавниот сектор, се наведува во соопштението.
Воспоставувањето на националниот испит е значајно и од аспект на европскиот интегративен процес. Со неговото организирање се прави чекор кон целосна реализација на препораките на Европската Унија во овој сегмент од Поглавјето 32 – Финансиска контрола, а воедно се придонесува и кон успешна реализација на следните чекори од Реформската агенда во оваа област.
Материјалите за подготовка и прашањата за испитот веќе се објавени на веб-страницата на Министерството за финансии.
Испитните материјали се подготвени со техничка и експертска поддршка од Европската Унија за Министерството за финансии – Централната единица за хармонизација. Министерството ја изразува својата благодарност до Европската Унија за поддршката во реализацијата на овој значаен процес.
Министерството за финансии во периодот што следи навремено ќе ја информира јавноста за следните чекори во процесот на организирање и спроведување на испитот за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор.
За сите дополнителни информации и прашања поврзани со процесот, заинтересираните може да се обратат до Централната единица за хармонизација при Министерството за финансии.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата