logo
logo
logo

Скопјани, ја знаете ли приказната за ЧИВЧИ МААЛО, денес послано со фабрики и трговци

Vecer | 17.04.2023

Скопјани, ја знаете ли приказната за ЧИВЧИ МААЛО, денес послано со фабрики и трговци

Ново Чивчи маало се простирало од Хаџи Салелединовото маало, долж реката Вардар. Името “Чивчи” маалото го добило според неговите жители кои претежно се занимавале со земјоделство и градинарство. Тука биле најубавите бавчи во Скопје. Жителите живееле во мали новоизградени куќи, поради што ова маало се нарекувало и Ново маало. Маалото нагло се ширело, пред сé поради многубројните доселеници од селските предели на Скопска Блатија.

За растежот на градот Скопје и за неговата сложена етничка структура, најмногу придонесувале локалните миграциони движења што се одвивале во правец село-град .

Васил К'нчов, преселувањето на дел од населението од скопската околина во градот Скопје го објаснува со фактот што “ во спомнатиот период, христијанското население заземало второ место по бројност по Турците, но тоа брзо растело, благодарејќи на високиот наталитет и бројните доселувања на христијаните од Тетовската Каза, каде што тие биле притиснати од соседните Арнаути, како и од лошата економска положба. Новите доселеници од селските предели, главно се населувале во прекувардарскиот дел на градот, каде што за 10-15 години бројот на населението се удвоил. [1]

Во ова маало, живееле сиромашни, но и богати семејства, а едно од нив е семејството Икономови, сопственици на ф-ката “Европа”. Фамилијата Икономови живеела во голема куќа изградена во 1918 год., модерно уредена, со англиски клозети, водовод, струја и сл.

Куќата на семејството Икономови, Чивчи маало

Семејството Икономови во куќата живеело заедно со децата и кога тие почнале да се делат. Односите во семејството биле патријархални. Таткото, освен обврските во фабриката, ги посетувал и скопските кафеани, а мајката била домаќинка која се грижела за децата. Друштвениот живот бил составен од посети на кафеани, кина, театар, а во летниот период се одело во Врњачка Бања, Маврови Анови, Катлановска Бања. [2]

Во маалото живеело и семејството Таневи.

Пандора Шетлова била единственото дете во фамилијата Таневи. Мајката Марија по потекло била од Драчево, а таткото Ангелко од Зелениково. Тие се доселиле во Скопје во далечната 1886 год. Бидејќи Ангелко рано починал, младата вдовица била приморана сама да се грижи за себе и за својата малечка ќерка. Нејзиниот живот бил многу тежок, работела како аргатка во поле, а имала бавча во”Кисела вода”кај фабриката за сапун “Аеро” (подоцна Цветан Димов).

Пандора си спомнува дека нивната куќа во Ново маало била многу стара и направена од слаб материјал. Од подот до пенџерињата била од камен, а горниот дел од ќерпич. Долу имале визба и една соба, а горе две соби во кои живееле. Куќата била оскудно наместена, на подот имале крпари, имале миндерлак покриен со шифон со чипка, а јаделе на маса со два обични стола. Во дворот имало ар во кој чувале крава и магаре, полски клозет и бунар од кој се снабдувале со вода и за дома. [3]

Саздови ја претставувале работничката класа во маалото.

Владимир Саздов заедно со татко му живеел во Ново маало, на ул. “Бис”. Нивната куќа била многу скромна, направена од ќерпич. Таа била скудно наместена. Јаделе на софра од еден каленик со дрвени лажици. Таткото на Владимир бил арабаџија, а работел и на бавча во Бирарија. Средства за живот имале помалку од скромно, па затоа Владимир посетувал вечерно училиште, по завршувањето на основното. Саздови се претставници на работничката класа, која во Скопје ја имало во голем број. [4]

Жителите на скопското Ново маало не се занимавале само со земјоделство, туку и со занаетчиство, трговија, чиновништво и слично. Тоа претставувало излез од безмерно тешката положба на доселените селани во градот.

Ново маало било нарекувано и Влашко маало. Но, не поради Власите, туку поради зборот “Влав” со кој биле нарекувани сите кои се занимавале со стопанство. Меѓутоа, доселувањето на жителите од скопските села не се вршело само во Ново маало туку и во северните реони на градот, поточно во Топаана и Чаир каде што живееле земјоделци и занаетчии доселени од околината на Скопје во почетокот на овој век”.

Меѓу жителите на Ново маало бил и Стефан Петровски, бербер.

Во Ново маало, на улицата “Битолска” се наоѓала неговата куќа. Во неговиот берберски дуќан работел заедно со двата сина Методие и Димче. Се оженил во 1928 година и продолжил да работи со татко му во берберски салон кој се наоѓал во близина на црквата Света Богородица.

Куќата на Стефан Петровски била на кат. Според сеќавањето на најмалото дете од оваа скопска фамилија,Олга [6] , во приземниот дел на куќата имало кујна и визбени простории. Во визбата се чувале дрва за огрев, ќумур, алати и зимница во ќупови, стомни, бочви и тегли.

Во кујната на Петровски имало полици, маса, столови и кревет за спиење. На катот имало четири простории, една била наменета за пречекување на гостите, спална за родителите, спална за децата и една заедничка просторија. Во спалната на родителите имало кревети со месингани делови од страните кои требало да се чистат со посебно средство, “сидол”, за да добијат сјај, тркалезно масиче со плетени столови и големо огледало. Креветите се покривале со покривка, со две перници со украсни навлаки.

Во куќата на берберот имало убави покуќнински предмети, на пример, килими кои Стефан за своето семејство ги набавил од Солун. Во детската спална секое дете имало посебен кревет. Заедничката просторија била опремена со миндери поставени долж ѕидовите, ќумбе и мангал за затоплување, а по ѕидовите имало врамени фотографии и слики.

Во Ново маало живеел и трговецот Прокопиев.

Манасие Прокопиев бил угледен трговец и учен човек кој завршил Виша трговска школа во Софија. Во 1915 година тој со својата сопруга Софија се преселил од Куманово во Скопје. Манас или Манасие бил син на Манакие Прокопиев. Тој, како и татко му Манакие, се грижел за образованието на своите деца. Така, Илија студирал во Виена и бил берзански посредник, но подоцна работел како трговец. Освен што ја водел “магазата” на татко му во Сули Ан, тој бил основач на фабриката”Југ” (подоцна”Раде Кончар”) и на Технички магацин. Неговиот постар син студирал фармација во Загреб, а по неговото враќање во Скопје, ја отворил аптеката “Спасител”, каде што му помагала неговата сестра Десанка, исто така, фармацевт. Трајко Прокопиев завршил Музичка академија во Белград, а Музички конзерваториум во Прага кај прочуениот професор Дедечак.

Подоцна од Куманово во Скопје се доселува најмалиот син на Прокопие, Александар кој се вработил како директор во претставништвото на познатата француска фирма “Ла насионал” за Јужна Србија, Косово и Метохија.

Прокопиеви, всушност, имале една заедничка црта, а тоа била љубовта кон уметноста. Тие биле секогаш заинтересирани за новите изуми, па, така, Александар во Скопје донел телефон и грамофон со рачка, а неговиот пајтон бил меѓу најубавите во градот. Прокопиеви многу често ги посетувале градовите на Средна Европа.

Со доселувањето во Ново маало, населението сî повеќе ги прифаќало градските навики и градскиот начин на живот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MEDIANET LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk