Вработен на најголемиот германски аеродром во Франкфурт почина откако се зарази со маларија, додека уште петмина негови колеги се хоспитализирани во ретка епидемија предизвикана од комарци кои во земјата пристигнале со авионски лет, пренесува Би-Би-Си.
Институтот „Роберт Кох“ потврди дека вработените се заразиле на самиот аеродром во почетокот на јули, што е исклучително редок случај за Германија, каде маларијата вообичаено ја донесуваат патници од тропските региони. Од компанијата „Фрапорт“, која управува со аеродромот, соопштија дека веќе се поставени специјални замки за комарци, а сите уловени примероци ќе се анализираат лабораториски за да се утврди нивното точно потекло.
Експертите предупредуваат дека најголем ризик кај ваквите случаи е доцнењето на дијагнозата, бидејќи вработените немале историја на патување, што може да доведе до тешки компликации и фатален исход. Маларијата е опасна инфекција предизвикана од паразит што го пренесуваат комарците, а симптомите варираат од висока температура и главоболка до губење на свеста и откажување на органите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата