Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон денес повика на обновување на Шенгенскиот систем во рамките на Европската Унија.
Во пресрет на церемонијата по повод 40 години откако Германија, Франција, Белгија, Луксембург и Холандија го потпишаа Шенгенскиот договор за прв пат, Фајон изјави дека денес Шенгенската зона се состои од 29 земји, но дека една третина од нив имаат внатрешна гранична контрола, јавува агенцијата СТА.
Таа додаде дека Словенија останува цврст поддржувач на Шенгенскиот систем и отворените граници.
„Шенгенот е несомнено едно од најголемите достигнувања на ЕУ. Отворените граници во рамките на ЕУ станаа симбол на европската интеграција и соработка. Без оглед на предизвиците со кои се соочува Шенген, клучно е да останеме силни застапници на Шенгенскиот договор и отворените граници во рамките на ЕУ. Словенија ќе остане посветена на тоа“, рече Фајон.
Таа истакна дека Шенгенскиот режим е особено корисен за луѓето што живеат покрај границите, за оние што патуваат преку границите, како и за етничките малцинства.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата