Унгарскиот политичар Петер Маѓар беше полеан со вино од еден маж за време на посетата на манифестацијата „Денови на берба на грозје“ во Сексард. Инцидентот се случи додека Маѓар чекаше храна на еден од штандовите и разговараше со присутните.
На видеото што Маѓар го објави на Фејсбук, се гледа како постар маж ја истура содржината на чашата кон него од оддалеченост од неколку метри. Потоа, мажот беше одведен од лице облечено во црно, за кое унгарските медиуми велат дека е дел од обезбедувањето.
Маѓар: Се напил за да собере храброст
По инцидентот, Маѓар се огласи на Фејсбук и го нарече мажот „неуспешен борец против Орбан“. „Еден неуспешен борец против Орбан се напил за да собере храброст. На враќање од Печ, на покана на локалните жители, застанавме на „Деновите на берба на грозје“ во Сексард“, напиша тој.
Тој додаде дека на мажот очигледно му пречело тоа што луѓето на настанот се забавувале и што тој се фотографирал и разговарал со стотици собрани луѓе. „Не беше доволно храбар да пријде поблиску и можеби да ме погледне во очи“, напиша Маѓар. „Штета за доброто вино од Сексард“, додаде тој.
Во постскриптумот, тој се пошегува уште еднаш: „Барем не ме врза за оградата, како што учат на Хир ТВ (Hir TV).“ Претходно истиот ден, Маѓар одржа говор во Печ како дел од турнејата низ земјата. На враќање, според неговите зборови, на покана на локалните жители, тој застанал на манифестацијата во Сексард.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата