Жителите на населбата Ускумрукој во Истанбул, Турција, се вознемирени откако лавица била забележана како слободно се движи низ нивното соседство. По нејзиното појавување, безбедносните служби започнале опсежна потрага која, според објавените информации, трае веќе 12 часа.
Првите снимки од животното биле регистрирани на надзорните камери, по што жандармеријата испратила патроли и ги засилила контролите во областа. Во акцијата се приклучиле и екипи задолжени за заштита на природата и националните паркови, како и општинските служби.
Иако лавицата била пронајдена, обидот да биде успиена со стрела завршил неуспешно. Екипите успеале повторно да ја забележат со помош на термални камери, но во текот на ноќта го изгубиле нејзиниот траг.
Еден од жителите, Арда Коч, раскажал дека решил да ја побара лавицата откако слушнал дека била забележана во населбата. Додека се движел со автомобилот, животното ненадејно се појавило пред него, по што веднаш ја известил жандармеријата. Полициските екипи пристигнале на местото за околу пет минути.
Коч изразил загриженост за можната опасност, особено затоа што во населбата живеат многу семејства со деца.
Потрагата по лавицата сè уште трае, а надлежните служби продолжуваат да ја пребаруваат областа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата