Директорот на Националниот центар за борба против тероризмот (NCTC), Џо Кент, поднесе неотповиклива оставка. Поранешен член на Зелените беретки и оперативец на ЦИА, кој беше лично назначен од Трамп во 2025 година, ја објави својата одлука на социјалните мрежи.
Тој отворено ја обвини администрацијата на претседателот Доналд Трамп дека започнала непотребна војна под странско влијание.
„Не можам со чиста совест да ја поддржам тековната војна во Иран. Иран не претставуваше непосредна закана за нашата нација и јасно е дека ја започнавме оваа војна поради притисок од Израел и неговото моќно американско лоби.“

Претседателот на САД Доналд Трамп, по оваа изјава и оставка, одржа прес конфренција на која одговараше на повеќе прашања, вклучително и за оставката на Кент.
Кога беше прашан за оставката на највисокиот функционер за борба против тероризмот, американскиот претседател вели дека Кент, иако го сметал за „добар човек“, бил „слаб во безбедноста“.
„Кога ја прочитав изјавата, сфатив дека е добро што си замина, бидејќи рече дека Иран не е закана“, вели тој.
„Иран беше закана, секоја земја сфати каква закана е Иран, прашањето е дали сакаа да направат нешто во врска со тоа.“
Трамп вели дека кога некој „кој работи со нас“ вели дека не мисли дека Иран е закана, „ние не ги сакаме тие луѓе.“
„Тие не се паметни луѓе, тие не се искусни луѓе, Иран беше огромна закана“, повтори Трамп.
Новинарите го прашаа Трамп и за изјавата на заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Саид Хатибзаде, кој рече дека САД се соочуваат со уште еден Виетнам ако стапнат на иранска почва.
На прашањето дали се плаши од тоа, Трамп рече: „Не, не се плашам. Навистина не се плашам од ништо“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата