Лондон стана центар на клучни воени консултации каде што стратези од повеќе од 30 земји започнаа со изработка на детален план за повторно отворање на Ормускиот теснец. Овој состанок е директен одговор на минатонеделниот договор на повеќе од десет држави за учество во меѓународна одбранбена мисија под водство на Обединетото Кралство и Франција. Главната цел на операцијата е заштита на трговските бродови и гарантирање на слободата на пловидбата низ оваа стратешка точка, веднаш штом ќе се создадат потребните безбедносни услови.
Британскиот министер за одбрана, Џон Хили, нагласи дека фокусот на дводневните разговори е претворање на политичкиот и дипломатскиот консензус во конкретен и остварлив воен план. Според неговите зборови, задачата на воените планери е да изработат заедничка стратегија која ќе ја поддржи слободата на движење, но и ќе послужи како потпора за трајно примирје во регионот.
Како што пренесува „Скај Њуз“, разговорите во британската престолнина се фокусирани на дефинирање на воените капацитети, воспоставување на командната структура и начинот на кој силите ќе бидат распоредени на теренот. Иако подготовките се во полн ек, плановите предвидуваат операцијата да започне дури откако ќе се воспостави одржливо примирје. Ормускиот теснец е од витално значење за глобалната трговија со енергенси, а неговата актуелна блокада веќе предизвика сериозни потреси на светските пазари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата