„Метео Франс“ соопшти дека оваа година е обележана со рано пристигнување на исклучително топло време, со утрински температури меѓу 14 и 20 степени и температури од 32 до 35 степени во попладневните часови, пренесува „Фигаро“.
„Максималните температури остануваат многу високи за овој период од годината, а топлотниот бран се протега уште посеверно, со температури кои надминуваат 30 степени во речиси сите делови на Франција, освен долж Ламанш и на медитеранските плажи“, се наведува на веб-страницата на „Метео Франс“.
Британските медиуми во меѓувреме го пренесоа предупредувањето на нивната метеоролошка служба, во кое се наведува дека топлотниот бран денес би можел да собори три рекорди.
„Подгответе се за денешните горештини. Откако вчера температурите достигнаа 32,3 степени, денес би можеле да ја почувствуваме највисоката температура некогаш измерена на денот на Националниот празник на пролетта. Следете ги најновите информации“, се наведува на сајтот на британската метеоролошка служба.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата