logo
logo
logo

Пожарот што проголта 42.000 хектари е стабилизиран

ОГНЕНАТА СТИХИЈА ВО ФРАНЦИЈА ПОД КОНТРОЛА - Но нов топлотен бран повторно се заканува

Vecer | 27.07.2026

ОГНЕНАТА СТИХИЈА ВО ФРАНЦИЈА ПОД КОНТРОЛА - Но нов топлотен бран повторно се заканува

Огнената стихија што уништи околу 42.000 хектари во југозападна франција е стабилизирана. Но битката се уште не е добиена. Активните жаришта и најавените екстремно високи температури ја зголемуваат загриженоста дека пожарот повторно би можел да се разгори, изјави францускиот минситер за внатрешни работи, Лоран Нинез. 

„Тоа значи дека пожарот во текот на ноќта не се проширил“, изјави Нинез на прес-конференција по владината седница. Тој ги повика граѓаните и надлежните служби да останат крајно внимателни, особено поради најавениот нов топлотен бран што се очекува да започне од вторник.

Францускиот претседател Емануел Макрон утрово претседаваше со кризен меѓуресорски состанок во Министерството за внатрешни работи, посветен на состојбата со пожарите. По состанокот, предвидени се и дополнителни средби со претставници на економските сектори кои претрпеа штети од огнената стихија.

Нов топлотен бран од вторник

Француската метеоролошка служба „Метео Франс“ најави нов топлотен бран што ќе започне во вторник, со максимални температури до 40 Целзиусови степени. Иако се очекува ветерот да биде нешто послаб, тој ќе биде посув, што дополнително го зголемува ризикот од ширење на пожарите.

„Исполнети се сите услови пожарот повторно да се разгори“, изјави во понеделникот за агенцијата AFP градоначалникот на Леж-Кап-Фере, Филип де Гонвил, чија општина е погодена уште од избувнувањето на пожарот.

Министерот за внатрешни работи, Лоран Нинез, во неделата за телевизијата France 2 изјави дека од почетокот на годината во Франција во пожари изгореле околу 115.000 хектари, оценувајќи ја ситуацијата како „вонредна“.

Евакуирани 220.000 лица

Големиот пожар што ја зафати областа околу Аркашонскиот Залив, во департманот Жиронд, доведе до евакуација на 220.000 луѓе, што претставува досега невидена операција во Франција. Покрај тоа, беа евакуирани и повеќе од 13.000 компании, изјави во понеделникот министерот за економија, Ролан Лескир.

Тој најави дека осигурителните компании ќе ги покријат трошоците за привремено сместување на лицата евакуирани поради пожарите во департманите Жиронд, Ланд и Вар.

Засега, на жителите кои беа евакуирани од Жиронд не им е дозволено да се вратат во своите домови. Властите воедно ги повикаа туристите да не патуваат во погоденото подрачје сè додека состојбата не се стабилизира.

Климатските промени дополнително ја влошуваат состојбата

Шумите сè полесно се палат бидејќи вегетацијата и почвата низ Европа со месеци се екстремно суви. Според агенцијата AFP, сушата е дополнително влошена од климатските промени и неодамнешните екстремни топлотни бранови.

Во Бордо, повеќе од 1.000 лица и натаму се сместени во градскиот изложбен центар, меѓу кои има и жители на домови за стари лица, изјави градоначалникот и претседател на метрополитенската област, Томас Казенав.

Железничкиот сообраќај со брзите возови TGV кон југ од Бордо сè уште е во прекин, со исклучок на линиите кон Ажен и Тулуз. Во меѓувреме, автопатот А63 е затворен во двата правци на делницата меѓу Бордо и Бајона.

Според префектурата, во департманот Жиронд целосно се уништени 240 куќи. Иако нема пријавени жртви меѓу цивилното население, во пожарите се повредени 84 пожарникари, од кои десетмина морале да бидат евакуирани поради повредите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk