Иран никогаш не побарал од САД прекин на огнот, земјата е подготвена да се брани колку што е потребно, изјави иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, во интервју за телевизијата Си-Би-Ес.
Тој додаде дека Иран не гледа убедлива причина да започне преговори со САД и дека Техеран не контактирал со САД ниту директно ниту преку посредник во врска со преговорите.
„Ние сме доста стабилни и силни и го штитиме нашиот народ од овој чин на агресија. Не гледаме причина да преговараме со Американците. Разговаравме со нив во времето кога нè нападнаа, а тоа се случи и втор пат. Немаме добро искуство во контакт со Американците“, објасни Арагчи.
Тој ги повика САД да разберат дека нападот врз Иран нема да доведе до победа.
Министерот истакна дека иранските сили напаѓаат само американски воени објекти.
„Ние извршуваме напади само врз американски средства, американски структури и американски воени бази“, прецизираше Арагчи.
Арагчи истакна дека иранската страна напаѓа само она што „им припаѓа на Американците“.
Тој исто така изјави дека Соединетите Американски Држави вршат напади врз Иран од територијата на други земји.
Зборувајќи за Ормутскиот теснец, Арагчи рече дека Иран преговара со голем број земји за да обезбеди безбедно поминување на нивните бродови низ теснецот.
Иранскиот министер додаде дека конечната одлука за ова прашање ја носи иранската армија и дека „веќе одлучила да дозволи поминување на група бродови што припаѓаат на различни земји“.
Арагчи потсети дека Иран е подготвен да направи отстапки за време на преговорите со Соединетите Американски Држави, што би покажало дека земјата нема намера да развива нуклеарно оружје.
„Дел од договорот беше прашањето за материјали збогатени до 60 проценти. И ја искажав нашата подготвеност да го разредиме овој збогатен материјал, да ја намалиме неговата концентрација. Тоа беше многу сериозен предлог, значајна отстапка, дизајнирана да докаже дека Иран никогаш не се стремел да поседува нуклеарно оружје и никогаш нема да го стори тоа“, нагласи Арагчи.
Тој додаде дека збогатениот ураниум на Иран, кој се наоѓа под урнатините на нуклеарните објекти уништени од САД, може да се извлече под надзор на МААЕ, но засега нема такви планови.
„Ако некогаш одлучиме да го направиме тоа, тоа ќе биде под надзор на Агенцијата. Во моментов немаме никаква програма, не планираме да извлекуваме (ураниум) од под урнатините“, заклучи Арагчи.
На 28 февруари, САД и Израел започнаа серија напади врз цели на територијата на Иран, вклучувајќи го и Техеран. Во нападот имаше цивилни жртви. Потоа Иран започна одмазднички ракетни напади врз израелска територија, како и врз американски воени објекти на Блискиот Исток.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата