Американецот Ричард Ален, осуден на 130 години затвор за убиствата на две тинејџерки во Индијана, бара поништување на пресудата и ново судење.
Неговите адвокати тврдат дека тој ги дал признанијата додека минувал низ тешка криза на менталното здравје и дека на одбраната неправедно ѝ било оневозможено да ја изнесе теоријата оти девојчињата биле убиени од непознати сторители за време на пагански ритуал.
Апелациониот суд во Индијана денес треба да одржи едночасовно рочиште во врска со жалбата на Ричард Ален, кого поротата во 2024 година го прогласи за виновен за убиствата на 13-годишната Абигејл Вилијамс и 14-годишната Либерти Герман – познати како Аби и Либи.
Со години, случајот од малиот град Делфи важеше за едно од најекспонираните нерешени злосторства во САД. Девојчињата исчезнаа на 13 февруари 2017 година, откако беа оставени на пешачка патека, а нивните тела беа пронајдени под стрмен насип, во близина на напуштен железнички мост. Ален беше уапсен дури во 2022 година, повеќе од пет години по убиствата.
Одбрана: Ментален слом во самица
Во месеците по апсењето, Ален тврдеше дека не ги убил девојчињата, но подоцна во неколку наврати го призна делото.
Неговите адвокати сега тврдат дека признанијата се неверодостојни бидејќи уследиле по сериозно влошување на неговото ментално здравје за време на долг период поминат во самица додека го чекал судењето.
Тие тврдат дека тој изгубил околу 18 килограми, не можел да се грижи за себе и претрпел толку тежок ментален слом, што на крајот се убедил себеси дека ги извршил убиствата.
Обвинителите го оспоруваат овој аргумент. Тие тврдат дека тој ги дал некои од инкриминирачките изјави пред да покаже знаци на проблеми со менталното здравје, како и откако неговата состојба се подобрила.
Обвинители: Доказите се повеќе од само признанија
Обвинителството тврди дека постоеле доволно докази за осудителна пресуда и без признанијата.
Ален призна дека бил на патеката во времето кога исчезнале девојчињата. Една од нив го искористила својот мобилен телефон за да сними маж во близина кој ги изговорил зборовите „Down the hill“ (Спуштете се по ридот) – наредувајќи им да се спуштат по падината.
Меѓу нивните тела беше пронајден неиспукан куршум. Вештак на обвинителството на судењето сведочеше дека куршумот поминал низ механизмот на пиштолот на Ален. Одбраната, сепак, нагласи дека ниту еден сведок не го идентификувал директно како човекот од снимката и дека на местото на злосторството не биле пронајдени отпечатоци од прсти, ДНК или други форензички траги што директно би го поврзале со убиствата.
Обид да се докаже дека станувало збор за пагански ритуал
Еден од клучните аргументи во жалбената постапка се однесува на одлуката на судијата да не ѝ дозволи на одбраната да повика вештак кој требало да сведочи за можноста девојчињата да биле убиени за време на ритуал поврзан со обожавањето на Один, нордискиот бог.
Одбраната тврдеше дека положбата на телата, гранките со кои биле покриени, локацијата на убиствата и природата на повредите укажувале на можен ритуален криминал.
Обвинителите се спротивставија на ова, тврдејќи дека немало доволно докази за таква теорија и дека дискусијата за пагански ритуали би го претворила судењето во споредна претстава, одвлекувајќи го вниманието на поротата од вистинските докази. Во жалбата, адвокатите на Ален го оспоруваат сведочењето на одредени сведоци за изгледот на човекот што го виделе на патеката, како и одлуката, нивниот вештак да не може детално да го оспори тврдењето дека неиспуканиот куршум може со сигурност да се поврзе со одредено оружје.
Апелациониот суд нема нужно да донесе одлука веднаш по денешното рочиште. Ален бара укинување на пресудата со која е прогласен за виновен и бара ново судење.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата