Техеран и Вашингтон ги напуштија општите политички пораки и преминаа на разговори за конкретни рокови за прекин на иранските нуклеарни активности, што укажува на влез во почувствителна и содржинска фаза од преговорите, објави Њујорк тајмс. Централното прашање околу кое се кршат копјата е траењето на евентуалниот мораториум. Додека Соединетите Американски Држави инсистираат на дваесетгодишен прекин, Иран наводно изразил подготвеност за замрзнување на збогатувањето ураниум на период од најмногу пет години.
Покрај временската рамка, главна точка на несогласување е судбината на постојните резерви на нуклеарно гориво. САД бараат од Иран да бидат извезени 440 килограми ураниум збогатен до 60%, додека иранските претставници категорично одбиваат горивото да ја напушти земјата. Како компромис, Техеран нуди значително разредување на материјалот за да се оневозможи негова употреба за нуклеарно оружје, но прашањето на залихите останува главна пречка во преговорите.
Белата куќа потврди дека разговорите се во тек и дека Вашингтон е заинтересиран за нова рунда консултации, која според првичните информации е закажана за овој четврток. И покрај длабокиот јаз меѓу двете страни, подготвеноста за продолжување на дијалогот покажува дека се бара модел за долгорочно ограничување на иранската нуклеарна програма, што во наредните денови ќе биде едно од клучните прашања за глобалната безбедност.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата