Убиството на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, делумно е овозможено со низа долгорочни кибер-напади, пренесе британскиот весник Фајненшл тајмс (The Financial Times), повикувајќи се на неколку анонимни извори во израелската разузнавачка служба.
Весникот наведува дека Израел со години успевал да го хакира иранскиот систем на камери за надзор на сообраќајот.
Тие слики, кои во живо биле пренесувани до израелските шпиони, им овозможиле да го потврдат времето на состанокот меѓу иранскиот врховен водач и некои од неговите блиски советници. Тој состанок беше цел на израелските и американските воздушни напади на 28 февруари.
Според Фајненшл тајмс, хакерите спонзорирани од израелската држава, исто така, претходно ја нарушиле телефонската мрежа околу местото на нападот за да спречат иранскиот лидер да биде предупреден во случај на протекување информации.
Нападот бил овозможен и со информации обезбедени од Централната разузнавачка агенција (ЦИА).
Израелските и иранските кибер-шпиони веќе 30 години водат жестока битка, користејќи кампањи за дезинформации, прибирање информации за високи цивилни и воени функционери и хакирање на чувствителна инфраструктура.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата