logo
logo
logo

Не му е прифатена жалбата на монструмот, кој уби 51 лице во џамија на Нов Зеланд

Vecer | 30.04.2026

Не му е прифатена жалбата на монструмот, кој уби 51 лице во џамија на Нов Зеланд

Брентон Тарант отслужува доживотна казна затвор без можност за условна слобода откако се изјасни за виновен за убиствата и обидите за убиства на 40 други верници во нападот во Крајстчерч во март 2019 година, пишува Би-Би-Си.

За време на еднонеделното сослушување во февруари, 35-годишниот Тарант тврдеше дека во времето на неговото признавање на вината, не бил способен да донесува рационални одлуки поради она што го опиша како „мачни и нехумани“ услови во затворот. Тој, исто така, се пожали на самата казна. Апелациониот суд на Нов Зеланд денес го отфрли неговото барање, пресудувајќи дека аргументите што ги изнесе се „тотално неосновани“. Тричлениот судски совет едногласно одлучи дека фактите за злосторствата на Тарант се „надвор од разумно сомнение“.

Во својата жалба, Тарант тврдеше дека се изјаснил за виновен додека бил „ирационален“ и во лоша ментална состојба. Судиите ги оценија неговите тврдења како недоследни и без поддршка од други сведоци и заклучија дека „не бил принуден или под притисок на никаков начин“ да ја признае својата вина.

„Денешниот исход навистина дава сигурност и утеха“

„Тој не презентираше никаква одбранлива основа, ниту пак никаква одбрана позната на законот. Исто така, го отфрливме неговото тврдење дека неговото признавање на вината е резултат на ирационална состојба на умот предизвикана од условите во затворот“, рекоа судиите.

Аја ал-Умари, која го загуби својот постар брат Хусеин во нападот, рече дека е „среќна и олесната“ за одлуката на судот и „дека правдата е повторно задоволена“. „Бев убедена дека нема цврста основа за жалбата, а денешната одлука го потврдува тоа“, изјави ал-Умари за Би-Би-Си.

„Се сеќавам дека за време на изрекувањето на пресудата си помислив дека тоа е сè и дека можеме да се обидеме да продолжиме понатаму и да ги собереме парчињата по уништувањето на нашите животи. Но, работи како овој процес на жалба ве враќаат директно во тие моменти на кршливост“, рече таа. „Денешниот исход навистина дава сигурност и утеха дека се следени точните процедури“, додаде таа.

По масакрот, Нов Зеланд ги заостри законите за оружје

Тарант е роден во Нов Јужен Велс, Австралија, и се преселил во Нов Зеланд во 2017 година. Обвинителите изјавија дека потоа почнал да планира напади врз муслиманската заедница. Тој бил активен на интернет форумите и кратко пред нападот, објавил „манифест“ од 74 страници во кој ги изразил своите расистички ставови.

Масакрот во џамијата Ал Нур и исламскиот центар Линвуд, од кои делови биле емитувани во живо, доведе до построги закони за оружје во Нов Зеланд. Во рок од еден месец од пукањето, парламентот со огромно мнозинство гласаше за забрана на полуавтоматско оружје од воен стил.

Тие, исто така, забранија делови што можат да се користат за производство на забрането огнено оружје. Владата, исто така, понуди компензација на сопствениците на оружје кое е прогласено за нелегално со новиот закон, преку програма за откуп.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk