Посетителите на клубот биле накратко приведени и фотографирани нивните пасоши за време на рациите доцна во петокот, објави Телеграм каналот Осторожно новости.
Еден од учесниците изјавил за каналот дека се плаши дека ќе добие долгогодишна затворска казна. Полицијата соопшти дека трага по дрога, пишува Осорожне новости. Градските власти се уште немаат соопштено. „Среде забава музиката престана, а полицијата почна да влегува“, изјави еден очевидец, додавајќи дека на собирот во центарот на Москва имало и странци.
Сота, друг канал на Телеграм, објави дека во петокот вечерта во руската престолнина биле извршени рации во три клуба. На социјалните мрежи се појавија фотографии и видео на кое наводно се гледа полициско комбе и полицајци пред клуб.
Рациите се случија еден ден откако рускиот Врховен суд го прогласи она што го опиша како „ЛГБТ јавно движење“ за екстремистичка организација и ги забрани нивните активности низ целата земја. Пресудата е поттикната од предлогот на Министерството за правда, иако таква организација не постои како правен субјект.
Рускиот устав беше променет во 2020 година за да стане јасно дека бракот значи заедница меѓу маж и жена. Во Русија не се признаваат истополовите врски. Во последниве години, ЛГБТ заедницата во земјата е под зголемен притисок од властите, вели Стив Розенберг од Москва за Би-Би-Си. Во 2013 година беше донесен закон со кој се забранува „пропаганда на нетрадиционални сексуални односи“ насочена кон малолетници.
Минатата година овие ограничувања беа проширени на сите возрасни групи во Русија. Референците за ЛГБТ лицата беа избришани од книги, филмови, реклами и ТВ емисии. Претходно овој месец, руски ТВ канал ја смени бојата на виножитото во јужнокорејско поп видео за да избегне да биде обвинет за кршење на законите за „геј пропаганда“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата