logo
logo
logo

Пожари беснеат низ Канада, евакуирани се десетици илјади луѓе, 15.000 преспале во парк (ВИДЕО)

Vecer | 26.07.2024

Пожари беснеат низ Канада, евакуирани се десетици илјади луѓе, 15.000 преспале во парк (ВИДЕО)

Пожарите продолжуваат да се шират низ западните канадски провинции Алберта и Британска Колумбија, зафаќајќи го туристичкиот град Џаспер додека пожарникарите се обидуваат да ги спасат клучните објекти како нафтоводот Транс Маунтин, соопштија денеска локалните власти.

Во вторникот од Џаспер биле евакуирани околу 25.000 луѓе, а во Британска Колумбија, според проценките, во моментов горат 433 пожари, додека во Алберта се регистрирани 176, пренесува Ројтерс.

„Пожарникарите работат на спасување што е можно повеќе структури и заштита на клучната инфраструктура, вклучително и станицата за третман на отпадни води, комуникациските објекти и цевководот Транс Маунтин“, се вели во објавата на Фејсбук на Паркс Канада.

Нафтоводот, кој може да носи 890.000 барели нафта дневно од Едмонтон до Ванкувер, минува низ националниот парк во канадските Карпести планини во близина на живописниот туристички град.

Во своето последно дневно ажурирање, Националниот парк Џаспер објави дека не може да го пријави степенот на штетата на одредени локации или населби и дека дополнително ќе обезбеди нови информации.

Канадскиот премиер Џастин Трудо рече дека неговата влада го одобрила барањето на Алберта за федерална помош.

„Веднаш распоредуваме ресурси на канадските вооружени сили, поддршка за евакуација и повеќе ресурси за итни пожари во покраината - и ја координираме помошта за гаснење пожари и воздушен транспорт. Алберта, ние сме со вас“, рече тој.

Дел од градот Џаспер и истоимениот национален парк, кој годишно го посетуваат околу два милиони туристи, бил евакуиран во понеделникот вечерта кога во паркот преспале околу 15.000 луѓе.

Влошениот квалитет на воздухот ги принудил пожарникарите и другите без опрема да се евакуираат во градот Хинтон, на околу 100 километри, објави управата на паркот на Фејсбук во средата вечерта.

Претставниците на Парковите на Канада претходно изјавија дека очекуваат дожд да пристигне во текот на ноќта.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk