Протестите со седење се откажани, потврди Зулфикар Букари, портпарол на Пакистанската партија Техрик-е-Инсаф (ПТИ) на Кан, повикувајќи се на, како што рече, „масакр“, пренесува Ројтерс.
Тој зборува за рација што била извршена вчера вечерта во Исламабад, откако протестите резултираа со смрт на најмалку шест лица, вклучувајќи четворица членови на паравоените сили и двајца демонстранти.
Посетувајќи ги местата на протестите, министерот за внатрешни работи Мохсин Накви денеска рече дека пакистанските безбедносни сили успешно ги отстраниле демонстрантите од местото на планираните протести и од другите области во главниот град.
„Им честитам на пакистанската армија, Граничниот корпус, Исламабад, Пенџаб и полицијата во Синд за нивната храбра улога“, додаде Накви.
Илјадници демонстранти се собраа во центарот на Исламабад претходниот ден, откако конвојот предводен од сопругата на Кан, Басра Биби, проби неколку безбедносни линии за да стигне до работ на утврдената црвена зона во градот.
Geo News и ARY објавија дека безбедносните сили започнале масовна рација во темниот центар на Исламабад, каде што биле исклучени светлата и испукан солзавец.
Денеска работниците ги расчистуваа урнатините и преместуваа дел од контејнерите за транспорт што ги користеа властите за да ги блокираат патиштата низ главниот град.
Црвената зона беше празна од демонстранти, но неколку возила останале на местото на настанот, вклучително и остатоци од камион што го користела Башра Биби, а кој се чини дека бил зафатен од пламен, објавија очевидци на Ројтерс.
ПТИ планирале да организираат протест во црвената зона, каде што се наоѓаат парламентот, дипломатскиот округ и другите клучни згради, додека Имран Кан не биде пуштен од затвор, каде што се наоѓа од август минатата година.
Партијата го откажа протестот, како што најави нејзиниот претседател за градот Пешавар во северната провинција, Хајбер Пахтунхва.
„Новата стратегија ќе биде разработена подоцна по соодветни консултации“, изјави Мохамад Асим за Ројтерс.
Сопругата на Кан и провинцискиот премиер, Али Амин Гандапур, клучен сојузник на затворениот водач, се вратија „безбедно“ во провинцијата од главниот град, додаде тој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата