Земјотресот бил регистриран во градот Кале, во округот Малатија, во 10:46 часот по локално време, соопшти турската владина управа за справување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД). Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 10,07 километри.
Земјотресот бил почувствуван во многу окрузи во источна и централна Турција, како и во Сирија.
Следеа 77 последователни потреси, информира електронското издание на градот „Сјозџу“.
Гувернерот на покраината Елазиг, Нуман Хатипоглу изјави дека во областа се пријавени 94 ранети. Хатипоглу додаде дека е причинета голема материјална штета на две згради, јави НТВ.
Четири лица се повредени во областа Малатија, изјави валијата Седар Јавуз. Едно лице е повредено во округот Шанлиурфа.
Меѓу повредените во градот Кале, каде што бил епицентарот на земјотресот, има и бремена жена. Таа е примена во болница, а нејзината состојба е стабилна, јавија турските медиуми.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган телефонски разговарал со гувернерот на Малатија и градоначалникот на истоимениот град, јави НТВ.
Мобилните оператори кои работат во областа соопштија дека нема прекин во услугите што ги обезбедуваат.
Малатија е меѓу најтешко погодените окрузи од разорните земјотреси на 6 февруари минатата година со јачина од 7,6 и 7,7 степени, во кои загинаа над 53.000 луѓе.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата