Што ќе направи Трамп ако Путин не се согласи на прекин на огнот во Украина? Неколку опции на маса, сите ќе знаат за кого се работи...
Како што изјавија претставници на Белата куќа по договорот со украинската страна во Џеда, „топката сега е кај Путин“, а американскиот претседател Доналд Трамп има неколку опции доколку официјална Москва не одговори позитивно на понудата.
Тимот на Доналд Трамп досега го преземаше она што благо може да се нарече попустлив пристап кон руските барања, согласувајќи се на неколку од нив дури и пред да започнат вистинските напори за постигнување мировен договор. Меѓутоа, сега ситуацијата е променета, пренесува британски Телеграф.
Во Џеда, САД успеаја да ја охрабрат Украина да го прифати нивниот предлог за 30-дневен прекин на огнот. Посеопфатна пауза во борбите од британскиот и францускиот план, кој само повикуваше на прекин на воздушните и поморските напади. Топката сега е, како што рече американскиот државен секретар Марко Рубио, на теренот на Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин досега покажа малку знаци на подготвеност да се согласи на прекин на огнот, имајќи предвид дека неговите војници се во офанзива во Украина и од ден на ден ја стеснуваат украинската територија во западниот дел на регионот Курск.
На неговата годишна прес-конференција во декември, Путин рече дека паузата во борбите само ќе и овозможи на Украина повторно да се вооружи и да ги обнови своите воени резерви. Меѓутоа, рускиот претседател сега се соочува со дилема. Како што рече Рубио, доколку Русија не се согласи со договорот „ќе знаеме кој е пречка за мирот“.
Администрацијата на Трамп, колку и да изгледа сега неочекувано, тогаш би можела да прикаже дел од одмаздничката непредвидливост по која е познат нејзиниот лидер и целосно да се сврти кон поддршка на Киев.
Сигурно е дека Трамп, кога ќе разговара по телефон со Путин оваа недела, ќе го постави прашањето за ризикот Москва да го одложи или отфрли договорот на маса.
Дипломатска реинтеграција
Трамп има неколку трикови во ракавот. Најзначајна е неговата подготвеност да и понуди на Москва излез од дипломатската изолација и да и овозможи учество во низа заеднички економски проекти, но под услов да се согласи на 30-дневен прекин на огнот.
Путин долго време го сметаше присуството на војници на НАТО во близина на границите на Русија за неприфатлив предизвик. Има навестувања дека, како дел од конечниот мировен договор, Трамп би можел да повлече некои од 30.000 американски војници стационирани во Европа, давајќи и на Москва повеќе простор во она што го гледа како нејзина сфера на влијание.
Трамп би можел да сугерира дека единствениот начин на кој може да донесе таква контроверзна одлука е Путин веднаш да ја докаже својата подготвеност за мир - што ќе им овозможи на двајцата лидери да ги изненадат оние западни политичари кои предвидувале поинаку. Дополнително, Трамп може да го поврзе реадмисијата на Русија со Г7 и другите дипломатски форуми со брзо прифаќање на прекин на огнот.
За Путин, 30-дневната пауза во борбите, период во кој тој веројатно нема да може значително да ја преобликува ситуацијата на фронтот, би била релативно мала цена што треба да ја плати во замена за евентуалната нормализација на односите со САД и постигнувањето на неговата цел да го ограничи присуството на НАТО.
За да го охрабри во таа насока, можно е да се замисли како Трамп на рускиот лидер му презентира комплетна листа на можни дипломатски и економски проекти, како што е заедничкиот развој на Арктикот, и му кажува дека за секој ден одложување на прифаќањето на овој прекин на огнот, сè повеќе од овие опции ќе бидат надвор од масата.
Ублажување на санкциите
Втората клучна точка на притисок се однесува на мерките што САД веќе ги воведоа против Русија - пред се санкциите.
Претходно овој месец, Доналд Трамп за прв пат покажа знаци на фрустрација со Москва, предупредувајќи дека е подготвен да воведе нови санкции врз режимот доколку продолжи „безмилосно да ја напаѓа“ Украина додека се обидува да постигне мировен договор.
Вашингтон има релативно мал простор за дополнително заострување на мерките против руската индустрија, неговиот трговски суфицит веќе е повеќе од преполовен (од 337 милијарди долари на 151 милијарди долари) благодарение на постојните ограничувања во енергетскиот, рударскиот и луксузниот сектор. Сепак, САД би можеле да воведат секундарни санкции за земјите кои досега и помагале на Русија да ги избегне, на пример, Индија, која купувала руска нафта во големи количини.
Од друга страна, американскиот претседател би можел да изрази подготвеност за укинување на санкциите за руската енергија, што е едно од клучните барања на Москва, но само доколку се спроведе 30-дневниот прекин на огнот.
„Запрете ги борбите и веднаш можеме да започнеме разговори за укинување на санкциите“, може да рече Трамп.
Има и конкретни отстапки што Трамп би можел да му ги понуди на рускиот лидер, како што е купувањето на проектот „Северен тек 2“ и надгледувањето на работата на гасоводот што повторно ќе транспортира руски гас во Европа.
Воени ограничувања
Конечниот извор на американското влијание се однесува на воената помош и испораката на оружје за Украина. Војниците на Путин брзо напредуваа во Курск откако Трамп одлучи да го прекине споделувањето разузнавачки информации (по разговорите во Џеда во вторникот, оваа информација повторно стана достапна).
Рускиот претседател секако ќе се обиде да вклучи ваква поддршка во првичниот договор за прекинот на огнот. Тоа секако не би ги задоволило Киев и неговите европски сојузници, но Трамп повторно би можел да ја прекине воената помош, претставувајќи го овој потег како дел од неговата намера да дејствува како „неутрален“ посредник во мировниот процес.
Ако тоа е „морковот“, тогаш „стапот“ е јасен: значително зголемени испораки на тенкови, проектили и оклопни борбени возила.
„Ова е ваша можност. Искористете ја, бидејќи нема да добиете подобра“, би можел приватно да каже американскиот претседател.
What will Trump do if Russia says no to a ceasefire?
— Bob For A Full Brexit (@boblister_poole) March 13, 2025
The ball is in Putin’s court – and the US president has several strings he can pull if Moscow does not respond positively! https://t.co/cDhZ5I9QFB
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата