logo
logo
logo

Стотици исчезнати по катастрофалните поплави во Тексас и Њу Мексико

Vecer | 09.07.2025

Стотици исчезнати по катастрофалните поплави во Тексас и Њу Мексико

Повеќе од 160 лица се водат како исчезнати во општина во Тексас, четири дена откако разорни и ненадејни поплави го погодија овој регион. Нивната потрага продолжува, но надежта за пронаоѓање на преживеани сѐ повеќе се намалува.

Посебно тешка е состојбата во општината Кер, каде меѓу исчезнатите има и пет девојчиња и еден советник од летниот христијански камп Мистик, кој се наоѓа на брегот на реката Гвадалупе.

Само во општината Кер, водиме евиденција за 161 исчезнато лице. Оваа бројка е резултат од здружените напори на полицијата. Нема да престанеме додека не го лоцираме секое лице кое недостасува. Можно е на оваа листа да се додадат и нови имиња.

Гувернерот на Тексас, Грег Абот

Во моментов, потврдено е дека најмалку 109 лица го загубиле животот во овие поплави, од кои 94 во општината Кер.

Реката Гвадалупе, која минува низ централниот дел на Тексас, е опкружена со бројни младински кампови, а тие стануваат особено атрактивни за посетители за време на летниот распуст.

Покрај тоа, има и други лица што ги нема во евиденцијата на камповите или во хотелите, што ја усложнува прецизноста во броењето на исчезнатите.

Поплави предизвикани од силни монсунски врнежи има и во Њу Мексико, каде најмалку тројца луѓе се водат како исчезнати во мало планинско село на југот на државата.

Локалните власти ги повикаа жителите брзо да се евакуираат и да се упатат на повисоки терени, откако нивото на реката Рио Руидосо наеднаш пораснало за речиси три метри. Веднаш бил даден аларм за можни поплави, бидејќи во регионот претходно имаше сериозни шумски пожари кои ја оштетија вегетацијата.

Една од жителките, која пребегала на безбедна локација, раскажа дека во шок снимала како водата ја носи куќата на нејзината блиска пријателка.

Таа не живее овде за време на сезоната на поплави. Во тој период е сместена кај семејството или пријатели. За жал, морав да снимам како реката го однесува нејзиниот дом, во кој и јас сум преноќувала.

Кејтлин Карпентер

Спасувачките екипи во областа Руидосо досега извршиле повеќе од 85 спасувачки мисии, при што биле евакуирани и луѓе кои биле заробени во своите домови и возила.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk