На местото на злосторството, истражителите пронашле француски пасош што ѝ припаѓа на жртвата. Сепак, Билд дознава дека се работело за фалсификат.
Според информациите на германските медиуми, во пасошот пишувало дека убиениот имал 35 години, меѓутоа, полицијата претпоставува дека всушност жртвата е 49-годишник од Камерун.
До оваа информација дошле во текот на постапката наречена „Брза ИД“ за проверка на идентитетот. Камерунецот се барал во Германија за неколку кривични дела измама, вклучително и фалсификување.
Јавниот обвинител Маркус Клајн потврди за Билд дека жртвата била илегално во Германија. Според прелиминарната истрага, жртвата претходно се скарала со три непознати лица пред хотел во Дизелдорф.
Наводно, кавгата била поради фалсификувани пари. Човекот потоа влегол во Uber. Возачот тргнал и застанал на црвено светло во близина на хотелот. Луѓето со кои се расправал се стрчале кон автомобилот.
Сведоците тврдат дека виделе тројца мажи како се приближуваат до запрениот автомобил. Се вели дека најмалку еден од нив пукал низ прозорецот од совозачката страна. Полицијата открила неколку чаури од пиштол во автомобилот кои ќе помогнат во идентификацијата.
Итната помош се обидела да го реанимира Камерунецот, но залудно било. Набргу потоа форензичарите го прегледале местото на злосторството и обезбедиле докази.
Возачот на автомобилот не е повреден, но е во шок. Пребарана е и хотелската соба во која била сместена жртвата. Се уште се трага по сторителите кои се во бегство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата