Објавата на Трамп доаѓа и покрај тоа што претставниците на Белата куќа ја намалија важноста на средбата претходно оваа недела, нарекувајќи ја само „вежба за слушање“.
„Верувам дека сега е уверен дека ќе постигне договор. Ќе постигне договор. Мислам дека ќе постигне. И ќе дознаеме - ќе знам многу наскоро“, рече Трамп денес во „Шоуто на Брајан Килмид“ на Фокс радио.
Услов за понатамошни преговори
Тој, исто така, навести можност за трилатерален состанок со украинскиот претседател Володимир Зеленски, но го постави исходот од средбата со Путин како клучен услов.
„Ако е лоша средбата, нема да се јавам на никого, ќе си одам дома. Но, ако е добра средбата, ќе му се јавам на претседателот Зеленски и на европските лидери“, рече тој.
На прашањето дали ќе ѝ понуди на Русија економски стимулации, Трамп остана скептичен. „Па, би сакал да не кажам бидејќи не сакам јавно да ги откривам моите карти, но какви и да се моите карти, економски стимулации или можеби обесхрабрувања, тие ќе играат важна улога во преговорите“, заклучи тој.
Заедничка изјава или не?
Претседателот Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин ќе одржат заедничка прес-конференција по нивниот состанок во Алјаска, кој е закажан за утре, потврди Белата куќа. Потврдата доаѓа откако Кремљ претходно го објави истиот план, објави Си-Ен-Ен. На прашањето за конференцијата, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, кратко одговори дека тоа е планот.
План за средба во Алјаска
„Значи, утре наутро, рано наутро, Трамп ќе ја напушти Белата куќа и ќе се упати кон нашата заедничка воена база во Анкориџ, Алјаска, каде што ќе учествува на средба еден на еден со претседателот Путин, по што ќе следи билатерален ручек со соодветните делегации од двете земји, а потоа и прес-конференција“, изјави Ливит за Фокс њуз утрово.
Ливит потврди дека новинарите ќе имаат можност да им поставуваат прашања на двајцата претседатели.
Таа додаде дека состанокот ќе биде можност за Трамп „да седне и да го погледне рускиот претседател во очи и да види каков напредок може да се постигне за да се придвижат работите напред и да се стави крај на оваа брутална војна и да се воспостави мир“.
Трамп: Не знам дали ќе има заедничка прес-конференција
Но, малку подоцна на Фокс радио, Трамп рече дека сè зависи од тоа како ќе помине состанокот. Тој рече дека можеби ќе се одлучи да одржи посебна прес-конференција, наместо заедничка, по средбата во Алјаска со рускиот претседател Владимир Путин, ако состанокот не помине добро.
„Ќе одржам прес-конференција. Не знам дали ќе биде заедничка. Дури и не сме разговарале за тоа. Мислам дека би било добро да имаме заедничка, а потоа и посебни“, рече Трамп.
„Значи, нешто такво ќе се случи. Или, ако состанокот не помине добро, само ќе одржам прес-конференција и ќе заминам. Ќе се вратам во Вашингтон“, додаде тој.
Трамп, сепак, рече дека ќе се обрати на медиумите без оглед на исходот од состанокот. Доколку состанокот биде „негативен“, рече тој, ќе одржи прес-конференција за да каже дека „војната ќе продолжи“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата