(ВИДЕО) МАСОВНО РАСЕЛУВАЊЕ ВО ХЕБРОН: Израелската војска принуди околу 1.200 Палестинци да ги напуштат домовите

Vecer | 24.10.2026

(ВИДЕО) МАСОВНО РАСЕЛУВАЊЕ ВО ХЕБРОН: Израелската војска принуди околу 1.200 Палестинци да ги напуштат домовите

Околу 1.200 Палестинци биле принудени да ги напуштат своите домови во Хеброн, на окупираниот Западен Брег, во операција на израелската војска, соопштија палестински претставници. Акцијата следува еден ден откако во палестински вооружен напад загинаа двајца израелски војници, а премиерот Бенјамин Нетанјаху најави операција од големи размери.

Израелската војска соопшти дека операцијата во населбите Ал-Џаладa и Ајн Деир Баха, во близина на воениот контролен пункт на влезот во Хеброн, е насочена кон пронаоѓање припадници на вооружени групи и оружје. Најавени се и уривања објекти. Двајцата Палестинци кои пукале врз војниците на контролниот пункт биле убиени, соопшти израелската војска.

Палестинската самоуправа ја осуди операцијата како „колективно казнување“. Јусеф Зухаир ал-Џабари, градоначалник на Хеброн, изјави дека на уште околу 1.300 луѓе им се заканува губење на домовите, покрај оние кои веќе се раселени.

Според ал-Џабари, војската урива продавници, фабрики, куќи и патишта, а реакцијата на Израел е непропорционална и неоправдана. Невладината организација „Клуб на палестинските затвореници“ соопшти дека израелските сили во последните два дена уапсиле околу 70 Палестинци. Израелските претставници засега не ги коментирале овие апсења.

Ал-Џабари оцени и дека операцијата е поврзана со претстојните парламентарни избори во Израел, на кои, според анкетите, десничарската коалиција на Нетанјаху би можела да го загуби мнозинството. Тој тврди дека Нетанјаху и радикалните министри во неговата влада се обидуваат да освојат повеќе гласови од доселениците.

Жители на Хеброн за Ројтерс изјавиле дека војниците ги принудиле да ги напуштат домовите и луѓето кои немаат никаква поврзаност со вооружените напаѓачи.

„Ги повикуваме претставниците да застанат зад нас, бидејќи немаме никаква врска со ова. Тука има деца. Изолирани сме, ништо не правиме. Сето ова е самоволие“, изјавил Маџди Насер, еден од раселените жители.

Куќи означени со црн знак

Жители на Хеброн изјавиле дека виделе израелски војници како ставаат црн знак во форма на буквата „Х“ на куќите откако нивните палестински станари биле принудени да заминат. Засега не е познато што означува симболот, објави Ројтерс.

Израелските сили, според извештаите, спровеле рации во најмалку 15 населени места на окупираниот Западен Брег и привеле десетици Палестинци. Во Хеброн била урната и трикатна зграда, а стотици палестински семејства добиле наредба да ги напуштат своите домови.

Израел продолжува со проширувањето на доселеничките населби на Западниот Брег, кои Обединетите нации и повеќето држави ги сметаат за незаконски според меѓународното право, додека Израел го оспорува тој став. Во меѓувреме, израелските сили блокирале влезови во повеќето палестински градови и населени места, сериозно ограничувајќи го движењето на населението.

Последиците од ограничувањата ги чувствуваат и луѓето на кои им е потребна медицинска помош. Јусеф Мур, жител на палестинскиот град Јата, изјавил дека поради блокадите не можел да отпатува со својата ќерка во Ерусалим, каде што таа се лекува од рак.

„Ситуацијата е лоша и страдаме. Кога се обидовме да поминеме, кон нас испукаа шок-бомби, а ќерка ми се исплаши. Ситуацијата е многу тешка“, изјавил Мур

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk