За деталите од венчавката на британската пејачка Дуа Липа (30) и актерот Калум Тарнер (36) не престанува да се зборува со денови откако стапија во брак во лондонската градска општина „Old Marylebone Town Hall“. Во тајност и во интимно опкружување на најблиските, тие склучија брак во кој влегоа беспрекорно дотерани. Внимавале на буквално секој детаљ, па освен што воодушевија со своите венчални аутфити, особено невестата во бел костим со шешир, еден детаљ привлече дополнително внимание, а тоа е венчалниот букет.
Пејачката во рацете носеше едноставен букет од исландски макови во нежни пастелни тонови на праска и бела боја, без непотребно зеленило и украси, врзани со само една свилена бела лента, а каков што моментално се најде на листите со желби на многу идни невести.
Исландскиот мак се смета за едно од најубавите чуда на природата. Нежен цвет со силна симболика и едноставна убавина, кој зазема посебно место меѓу украсните растенија: тој е симбол на надеж, убавина, мир, тивок потсетник за минливоста на животот, но и за неговата исклучителна раскош, па затоа не чуди што Дуа го избрала за својот најважен и најубав ден во животот.
Од 18 век
Потекнува од студените и сурови субарктички краишта, а неговите корени се протегаат длабоко во минатото. Ботаничарите во текот на 18 век го откриле во оддалечените области на Исланд, по кој го добил и името. Во нордиската митологија, макот го симболизирал сонот и спокојот, па затоа не е тешко да се разбере зошто токму овој цвет се поврзува со мистичните и речиси нестварни пејзажи на северот. Низ историјата своето место го пронашол и во уметноста, каде што често е прикажуван како симбол на надеж, отпорност и минливата убавина на животот. Неговите нежни ливчиња и раскошни бои инспирирале бројни сликари и фотографи кои во него наоѓале совршен мотив за забележување на минливите моменти на природната убавина.
Во многу култури се поврзува со мирот, благосостојбата и сеќавањето на саканите личности кои веќе не се меѓу нас. Неговиот умирувачки изглед го направи омилен избор за градините и пејзажните уредувања осмислени како места за опуштање и ментална обнова. Но, исландскиот мак не е привлечен само естетски. Во традиционалната билна медицина, но и во некои современи истражувања, се споменува поради своите благи седативни својства и потенцијалните придобивки кај воспаленија, опуштање и ублажување на стресот.
Широка палета на бои
Благодарение на својата единствена убавина, тој зазеде посебно место и во индустријата за режано цвеќе. Се одгледува во широка палета на бои; од нежни пастелни тонови какви што Дуа Липа носеше во својот букет, па сè до интензивни нијанси на портокалова, црвена и жолта боја. Во вазна може да трае меѓу пет и десет дена, а правилната нега значително ја продолжува неговата свежина. Една од поинтересните методи за зачувување на цветот вклучува кратко палење на долниот дел од стебленцето. Се смета дека на тој начин се затвораат каналите низ кои излегува растителниот сок, со што се спречува затнување на стебленцето и се овозможува подобро упивање на водата. Редовната замена на водата дополнително придонесува за подолга разновидност и трајност на цветовите.
Најголемата и најимпресивна збирка на исландски мак се наоѓа токму на Исланд, во познатата Ботаничка градина Акурејри. Таму, илјадници цветови во текот на сезоната на цветање создаваат спектакуларен тепих од бои кој совршено се вклопува во драматичниот исландски пејзаж. Меѓу бројните сорти особено се истакнуваат ретките видови како серијата „Champagne Bubbles“, позната по необичните комбинации на бои. Токму поради својата реткост, таквите сорти се исклучително ценети меѓу колекционерите и љубителите на цвеќиња и често постигнуваат повисока пазарна вредност.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата