logo
logo
logo

99 МЕГАСТАРС - неверојатно музичко патување низ времето: МНОГУ МУЗИКА и ЉУБОВ за ПОЛНИ СРЦА

Vecer | 01.12.2023

99 МЕГАСТАРС - неверојатно музичко патување низ времето: МНОГУ МУЗИКА и ЉУБОВ за ПОЛНИ СРЦА

Ако некогаш сте се прашале како денес изгледаат момците од Пис брадрс или можеби зошто ги снема и како би звучеле Арчи, Искра Трпева, Маја Гроздановска-Панчева, Верица Пандиловска... одговорот дојде сношти на големата 99 Мегастарс забава.    

Временската машина ја возеа Игор Џамбазов и Маријана Станојковска на сцената, додека во таканаречената соба микрофоните беа во рацете на некогашниот 99 Action двоец - Мартин Трпчевски и Миа Костова. 

И се беше - супер и на сцената и зад сцената, единствено потфрли публиката - пријавена во огромен број - заради неверојатниот фонд на награди (5 луксузни патувања за двајца во Дубаи, 10 гејминг лаптопи Lenovo, 10 iPhone 14 Pro и еден автомобил БМВ), а не дојдоа сите... И токму ова го отвора прашањето дали ако имаше некој увезен турбофолкер и наместо убава домашна музика од оние златни времиња, сите ќе се потепаа да купат карта и во салата ќе се бараше боца со кислород.  

Колегата Димитриевски во својата објава на Вистина.мк на ова дава одличен коментар и вели: За жал и покрај целата кампања, салата не беше полна до крај или не барем онолку колку што македонските музички артисти и нивната музика заслужуваат, што само дополнителнно ја покажува комплетната апатија кон сопственото богатство, музички наследство, почитување на своите вредности… Одраз на комплетно погрешната политика сиве овие години и на држава и на оние кои ја воделе во поглед на културата, естрадата, забавата, украдениот медиумски „прајм тајм“ простор за „духовната убавина“ од страна на политиката и политичарите во спрега со медиумските олигарси, наметнатиот поданички дух  дека туѓото е подобро и поубаво, комшиското е поквалитетно и позабавно… од сопственото. А не е или ретко кога е! И уште многу коцки во „мозаикот на апатичната безнадежност“ во која насила не втурнаа „политичките авети“ и оставија да се (у)давиме до крај… Токму можеби затоа е вистинско време за комплетен ресет на „сопствениот мајндсет“, време за нова „духовна ренесанса“  која секако треба да се гради на темелите на сопствените стари вредности, меѓу кои и музиката од 90-ите.

Нејсе, кој дојде знае како беше - одлично. Особено емотивно беше во зелената соба од каде сите носат најубави впечатоци. 

„Навистина се чувствувам прекрасно. Мило ми е што со некои колеги се видов после долго време и се изнамуабетивме. Енергијата е неверојатна и навистина ни се разбудија убави спомени од едни поубави естрадни времиња“, вели Бојана Скендеровски, која на сцената не врати во едни поубави времиња, во времето на „Немам одбрана“ и ,како што се пошегува и самата, на „детскиот глас“. 

Освен Бојана уште ги видовме и слушнавме и Александар Тарабунов, Ламбе Алабаковски, Ивона Јо, дуото Дис, Теа Трајковска, Бени Шакири, Маријан Стојановски, Куку Леле, Ристо Самарџиев, Принц, Дарко Гроздановски, Кристина Арнаудова, Андријана Јаневска... 

Покрај аудио-визуелното доживување олицетворено во бина со големина од 120 квадратни метри, повеќе од 100 квадратни метри лед екрани, „зелена т.е. бела соба“, ВИП делот за новинарите и медиумите на кои беспрекорно им беа озвозможени сите услови за работа и добија ВИП третман, осмислен беше и надворешниот дел, односно просторот пред салата. Настанот беше емитуван и на профилите на социјалните медиуми на Државна лотарија на Македонија, како главен поддржувач на проектот, кој токму вчера ја одбележа најновата мегапобеда megawin.мк, новата визија, новиот симбол, една убава 15-годишнина, но и пишувањето на новите страници за уште 26 нови среќни приказни од наградната игра „Биди ин, регистрирај се на мегавин“...

Фото: В. Тануровски

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk