Србија се соочува со нов огнен бран, со 29 активни пожари на отворен простор низ земјата. Само во август досега се регистрирани 3.926 пожари, а во гаснењето се вклучени сите расположливи сили, вклучително и меѓународни тимови. Меѓу најактивните жаришта се оние на планината Столови, кај селото Луково во близина на Врање и на Златибор.
Началникот на Противпожарно-спасувачката единица на српското МВР, Недељко Гагиќ, изјави дека пожарот на планината Столови, на потегот Чикер, сè уште не е локализиран, но неговото ширење е забавено и покрај силниот ветер.
На терен се околу 55 лица, меѓу кои пожарникари од Краљево, Нови Пазар, Пријепоље, Ужице и Чачак, како и доброволни пожарникарски единици од Краљево и Богутовац. Засега нема опасност за објектите, а гаснењето ќе продолжи во текот на ноќта и во наредниот ден.
Во гаснењето на пожарот во селото Луково кај Врање е вклучен и рускиот авион Ил-76. Пожарот е активен од завчера попладне, а според податоците на градскиот штаб за вонредни ситуации, една куќа била зафатена од огнот.
Рускиот авион за четири дена ангажман во Србија извршил 19 летови и исфрлил 798 тони вода врз погодените подрачја, соопшти руското Министерство за вонредни ситуации.
Нов пожар вчера попладне избувнал и во местото Водице на Златибор, каде што огнот зафатил околу два хектари ниска вегетација и борова шума.
Во гаснењето на пожарот во Делиблатската Пескара учествуваат и европски пожарникарски тимови. Шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Андреас фон Бекерат, изјави дека Европската Унија во рок од 24 часа по добивањето на барањето од Србија обезбедила помош и испратила европски тимови.
Тој посочи дека се очекува европската помош да продолжи не само во гаснењето на пожарите, туку и во обновувањето и пошумувањето на погодените подрачја.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата