logo
logo
logo

БНД

БНД - дете од брак помеѓу Вашингтон и генералите на Вермахтот

Vecer | 08.07.2023

БНД - дете од брак помеѓу Вашингтон и генералите на Вермахтот

Нацизмот загуби, но не и нацистите. Многумина од нив, иако имале офицерски и влијателни улоги во германската нацистичка армија за време на Втората светска војна, по војната бea слободни и политички активни. Некои од нив имаа и врвни функции.

Претседател на Австрија, во 1986 година, станал Курт Валтхајм, човек со нацистичко офицерско минато во германскиот Вермахт.

Тој е еден од 25-те германски офицери кои учествувале и командувале во воените акции против цивилите и партизаните во офанзивата на Козара во Босна, а потоа се одликувани од претседателот на усташката НД Хрватска, Анте Павелиќ. Во декември 1947 година, по опсежна истрага, судот на ФНР Југославија го осудил Курт Валтхајм за воени злосторства.

Иако Курт Валтхајм, како офицер за разузнавање во штабот на германскиот нацистички генерал Александар Лер бил и на листата на Обединетите нации на која се попишани и опишани воените злосторници од Втората светска војна... тој во 1972 година е избран за генерален секретар на ООН, каде ја врши таа функција се до 1981 година. Разузнавачите на нацистичка Германија ги имало и на други повоени функции.

Сојузната разузнавачка служба (Bundesnachrichtendienst) на денешна Германија – БНД ја основал, и над две децении ја водел нацистичкиот генарал Рајнхард Гелен. И двајцата спомнати ( Валтхајм и Гелен) се кадар избран, спасен од судење и форсиран на високи функции од страна на САД и Велика Британија. Зошто едни бивши нацистички офицери биле избрани за важни актери во новиот светски поредок, особено делот кој се однесува на Европа, а други нивни колеги завршиле со стрелање. Разликата е - колку биле употребливи за новите проекти и предизвици, пред се за борбата на Вашингтон и Лондон против Москва, и ширењето на комунизмот. Рајнхард Гелен е војник и разузнавач целиот свој живот.

Во германската армија е офицер од дипломирањето на воената академија во 1935 година, а со пробивот на нацистите во Европа од 1941 година станува офицер на разузнавањето. Имал посебни задачи. Бил надлежен за позадината на германската војска во секторот Исток, најважниот фронт на нацистичката армија која оперирала во Полска, Унгарија и Советскиот сојуз. Бил меѓу првите соработници на началникот на германскиот генералштаб Франс Халдер.

Накусо, една врвна нацистичка офицерска кариера, исполнета со акција и воено разузнавачки дејствија. Кариера која не дозволува сомневање дека, можеби, Рајнхард Гелен бил неутрален во војната. Напротив. За неговите заслуги во војната Хитлер му доделил орден, Германски крст со сребрен венец. Британскиот весник Дејли Телеграф за Гелен напишал дека е тој шпион на векот. Ако се земе во обзир на кое ниво се извршувани разузнавачките функции, како и времето колку долго бил на врвот... Гелен ја заслужува оваа оценка добиена од Англичаните. На 1 април 1942 година, во време на најголемата воена експанзија на нацистите Гелен бил поставен за шеф на генералштабниот сектор Исток.

Во тоа време бил полковник кој штотуку наполнил 40 години. Подоцна, ќе биде унапреден во чин генерал.

Веднаш по преземањето на разузнавачкиот сектор за источна Европа, Гелен внесува реформи. Го отфрла дотогашното клише во централниот разузнавачки систем да учествуваат само војници и проверени државни службеници. Создава свој тим на соработници, експерти од сите можни области, и мрежа на доушници - како во Советскиот сојуз, така и меѓу сојузниците но, и во сопствената германска армија. Немал доверба во никого, особено не во информациите и податоците од бирократијата, и создавал хиерархија и мрежа на лица и постапки според сопствен избор.

Работел без морални и етички граници. Ова, за разлика од резултатите на другите германски разузнавачки системи, му донело изворна претстава за состојбите во германската армија, како и на непријателската страна - во Советскиот сојуз.

Уште пред германската опсада на Сталинград која почнала на 17 јули 1942 година, и траела до 2 февруари 1943 година и завршила со германски пораз - 750.000 загинати и 200.000 заробени војници, и распад на Шестата армија на Вермахтот... уште пред оваа најголема битка во светската воена историја која била одлучувачка за исходот на Втората светска војна... Рајнхард Гелен добивал информации и ги испраќал до штабот на Хитлер податоците дека Германија не стои така добро на источниот фронт, како што тоа му го тврдат генералите и тајната полиција Гестапо.

Извештаите на Гелен најавувале пораз во опсадата на Сталинград, но не биле земени како релевантни во поставување на планот и оперативните акции во битката. Штабот околу Хитлер ги оценил како дефетистички. Заради својата аналитичност, и брутално реалистичен однос кон фактите и состојбите во својата работа и разузнавачките извештаи, Гелен навлекувал непријателство од генералите кои на Хитлер често му доставувале лажни информации за успесите и можностите во иднина, за да обезбедат пријатна комуникација и негова наклоност.

Како шеф на разузнавањето специјализиран за Истокот и Советскиот сојуз, кон крајот на 1944, а особено на почетокот на 1945 година, тој од прва рака ги има сите информации и докази дека Русите незапирливо напредуваат кон Германија, Берлин и Рајхстагот, и дека германскиот пораз и падот на Хитлер се сосема извесни. Непосредно пред крајот на војната, само три недели пред самоубиството на Хитлер, влезот на Русите во Берлин и освојувањето на Рајхстагот на 30 април 1945 година, генералот Гелен известува до централниот штаб во Берлин дека источниот фронт се распаѓа со навлегувањето на Црвената армија во Унгарија. Проценува дека нема услови за ефикасна одбрана.

Според разузнавачките податоци на Гелен, сосема е отворена можноста да се случи најстрашното - токму Црвената армија и Русите први да влезат во Берлин. Ова било сосема спротивно на службените информации кои главниот германски штаб ги дистрибуирал до јавноста и своите војници, според коцептот на министерот за информирање Јозеф Гебелс, за да се одржи колку е можно повеќе моралот и борбената готовност во одбрана од Американците и Британците кои доаѓале од Запад, и Црвената армија која напредувала од Истокот.

Затоа, овие известија од Гелен никогаш не станале оперативни. Но, за него биле корисни. Потоа, ќе се покаже дека биле и спасоносни. Свесен за крајот на одбраната, и револтиран што неговите извештаи не добиваат оперативна поддршка и примена, побарал и добил смена од местото шеф на разузнавачкиот сектор Исток – што се случило на 9 април 1945, месец дена пред крајот на Втората светска војна.

На повеќе локации низ Австрија и јужна Германија сокрил обемна и детална разузнавачка документација со помош на која, подоцна, ќе се испазари во преговорите со американскиот капетан Џон Вокер, во Оберсуле. Се испазарил успешно. Тој и неговите најблиски соработници нема да бидат изнесени пред суд, туку ќе бидат партнери со американската војска во замена за документацијата со која САД добиле до детали прецизна слика за состојбите во Германија, но и во Советскиот сојуз и на располагање мрежа соработници меѓу германските, како и меѓу советските служби и офицери.

Тој претходно селектиран и скриен разузнавачки материјал со информации за германската и за советската војска и потенцијали, генералот Гелен им го предал на разузнавачите на САД на 20 мај 1945 година. Со тоа, нацистичкиот генерал Рајнхард Гелен станува соработник на американската разузнавачка служба. Потоа, како кадар од нивна доверба и стручен во разузнавачката материја од Американците добива мандат да формира разузнавачка служба на новоформираната Сојузна, или Западна Германија.

Со околу 200 свои соработници, разузнавачи кои лично ги одбирал, ја основаат германската разузнавачка служба во местото Пулах, десет километри јужно од Минхен! Овој простор, воен разузнавачки камп на германскиот Вермахт, претходно бил изграден од нацистите, и бил наречен камп на Рудолф Хес. По основањето на новата разузнавачка служба, истата немала свој службен статус во германскиот систем кој сеуште не бил формиран, како и заради нацистичкото минато на основачите. Службата, едноставно, била нарекувана - Организација Гелен.

Гелен станува еден од првите соработници на германскиот канцелар Аденауер кој бил премиер на Германија од 1949 до 1963 година. Бил човек од негова најголема доверба.

Канцеларот Аденауер го штител и од забелешките на јавноста за неговото нацистичко минато, и крајно бруталните методи на работа кои биле на граница, или од другата страна на законот. Во своите мемоари, објавени во 1971 година, Гелен се враќа на своето нацистичко време и пишува дека војната против Советскиот сојуз можела да се добие, и дека била загубена бидејќи Хитлер ја водел наивно.

Наведува дека два пати бил дел од организаторите на атентат врз Хитлер, но овие наводи се сметаат за субјективно додавање лажни податоци, за да се разводни сликата за него како тврд нацист од врвот.

Студиозен и темелен во својата работа, откако ја формирал новата служба за разузнавачки извори против најголемата опасност, комунизмот од Москва, користел информации прибрани од изјави на два милиони поранешни германски војници, заробеници кои се враќале од Русија во Германија во периодот од 1945 до 1956 година. Гвидо Кноп, во својта книга Историја, го цитира Ерих Шмит Енбом - експерт за тајните служби кој за овој период, и за групата на Гелен изјавува: "Во Организацијата Гелен има најмалку 50 нацистички воени злосторници со досиеја за обвинување".

Во април 1956 година, со закон, Организацијата Гелен станува Сојузна разузнавачка служба (Bundesnachrichtendienst), подоцна и кај нас позната како БНД. Паралелно со ова, Источна Германија (ДДР) која е дел од сојузот на Москва, во февруари 1950 година основа своја разузнавачка служба, Штази.

На чело на оваа служба се поставени кадри школувани од НКВД во Москва: Ернест Фолфебер ( 1953-1957) и Ерих Милке кој раководел со Штази од 1957-1989. Ерих Милке бил врвен разузнавач, министер за државна безбедност на ДДР и шеф со најдолг мандат на чело на тајната полиција Штази која, во годините на својот врв, имала 97.000 припадници во држава од 17 милиони жители, и околу 180.000 доушници и надворешни соработници.

Бил член на комунистичката партија на Германија уште од 1925 година, и новинар во германскиот комунистички весник. Од 1932 година Милке е примен за член на Коминтерната во Москва кога станува и припадник на советската тајна полиција НКВД, и човек со лична доверба од Сталин.

Како разузнавач учествувал и во шпанската граѓанска војна од 1936 до 1939 година. Еден од соработниците на Милке, пред падот на Берлинскиот ѕид во ноември 1989 година, бил и тогашниот советски разузнавач на служба во ДДР, Владимир Путин. Имено, Путин како офицер на КГБ бил на служба во ДДР, во Дрезден, од 1985 до 1990 година.

Милке имал посебен однос на презир кон нацистите, а самиот податок дека на чело на конкурентската тајна полиција во Сојузна Германија е Рајнхард Гелен, поранешен нацистички генерал за него било предизвик да направи се што научил и можел БНД да биде разбиена и демаскирана. А Милке од НКВД учел многу, и можел уште повеќе. За само една година, Милке и Штази успеваат да откријат и уапсат 521 агент на западно германската БНД, односно на Рајнхард Гелен.

Тоа бил тежок пораз за БНД. Ѕвездата на Гелен почнала да гасне. На 27 октомври 1961 година БНД открива дека руската КГБ има свој соработник во врвот на германската служба. Се работело за Хајнц Фелфе, и тој поранешен нацистички офицер. По овој скандал Гелен ја губи довербата кај канцеларот Аденауер. Ја завршува својата кариера на чело на германското разузнавање БНД во 1968 година, оставајќи зад себе идеолошки печат врз службата.

Но, доминацијатa  на Штази и Милке над БНД продолжува. Во 1973 година БНД открива дека источно германски шпион, соработник на Штази, е Гинтер Гијом, помошник на германскиот канцелар Вили Брант. Човек од врвот на владата. Случајот Гијом бил велемајсторство на Штази.

Според Маркус Волф, долгогодишен шеф во Штази, Гијом не е заврбуван висок државен службеник во владата на Западна Германија. Тој претходно бил званичен офицер на Штази, кој свесно и плански во 1956 година бил уфрлен во Западна Германија како пребеган лажен политички дисидент, и кому преку свои канали и инсталации Штази му помагал да се вклопи во политиката, и да напредува до врвот на германската Социјалдемократска партија -SDP [caption id="attachment_1227302" align="alignnone" width="803"]

По апсењето на Гинтер Гијом во 1974 година, канцеларот Брант поднел оставка, а Гијом признал и опишал како Штази делува во германската политика. Кога во април 1972 година германското собрание требало да гласа за доверба на владата на Вили Брант,Штази платил 50.000 германски марки на пратеник од конкурентската ЦДУ да гласа за доверба, по што владата на Брант опстанала со само два гласа повеќе од неопходното.[/caption] Но, да е вратиме на Рајнхард Гелен.

По повлекувањето Гелен бил пензионер кој примал германска, но и дополнителна американска пензија како заслужен соработник на ЦИА. Починал во Германија, во 1979 година, на 77 годишна возраст. Зад себе оставил оригинална и ретка биографија: шеф на разузнавањето кај Хитлер, но и основач и шеф на разузнавањето за потербите на САД во повоена Германија.

Истиот кој добил ореден за воени заслуги од Хитлер, потоа како основач на БНД добива и орден за заслуги од Малтешкиот ред. Гелен е доказ дека поседувањето на информациите битно влијае врз животот. Особено во неговиот живот и кариера. БНД и подоцна е исклучително влијателна.

Повеќе министри и шефови на влади на Германија поминале извесен период на функција во БНД, на чело со министерот за надворешни работи Клаус Кинкел кој ја водел БНД од 1979 до 1982 година. Денес БНД, заедно со Британската МИ6, е водечка европска разузнавачка служба со годишен буџет од над 800 милиони евра (2017), со околу 6.500 вработени, и над 5.000 претежно тајни соработници низ Европа, и во светот. А од 2015 година се сели од првичното седиште во Пулах кај Минхен - во нов разузнавачки комплекс во близина на Берлин.

Трагите на американското основање на БНД, и подреденоста на службата на Вашингтон се чувствувале долго. Во 2013 година БНД доживеа тежок удар од својот основач, САД.

Имено, со пребегувањето на стручниот соработник на ЦИА - Едвард Сноуден од САД во Русија, помеѓу многуте откриени тајни за начинот како ЦИА прибира информации низ светот, Сноуден изнел и докази дека ЦИА и НСА ги прислушкуваат и германските функционери, на чело со канцеларката Ангела Меркел.

За германкиот политички и безбедносен систем оваа пракса на ЦИА, како и беспомошноста на БНД да ги заштити своите министри и канцелар од американско прислушкување, за БНД беше сериозен пораз. Од 2013 година почнува тивкото разидување на учителот од Вашингтон и ученикот од Пулен кај Минхен.

Сосема отворено, чистењето од влијанието на САД и нивната Национална агенција за безбедност (НСА) Германија го почна во 2013 година, по избивање на аферата со американско прислушкување на германската влада. Се почна од врвот, со прозивката и обвинувањето на претседателот на БНД, Герхард Шиндлер дека развивал свои, лични линии на соработка со американската НСА со што создал ризик за безбедноста на податоците со кои владата во Берлин располага. Накусо, дека повеќе работел за САД, отколку за Германија.

Германскиот неделник Шпигел, во јуни 2013 година, објави голема анализа за работата на БНД под претседателство на Шиндлер во која отворено го обвини дека ја довел германската влади во безбедносен ризик, и дека е човек на Вашингтон. Времето на Рајнхард Гелен, и другите бивши нацистички генерали, аристократи, научници и функционери кои биле амнестирани од Вашингтон и задолжени до крајот на животот кон нив... по што морле да работат пред се за САД, а не за Германија... е минато

(Д.П. Латас)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk