Ако човек каже дека црниот хумор и сарказмот на стрип серијата Алан Форд десетина години беа омилени кај интелектуалците ќе каже вистина но, не сосема. Кога ќе се посочи дека нешто е избор на интелектуалната елита тоа асоцира на херметичност, напор за разбирање и отуѓеност од реалниот живот.
А стрип серијалот Алан Форд е нешто сосема спротивност на сето тоа. Тој е духовита социјална драма креирана во стрип цртеж и бескрајно духовити дијалози и сценарио, разбирливо за секого и до болка вистиното. Паметно и живописно спакувани приказни со иронија и цинизам за многу општествени структири и појави: лажната аристократија (Сир Оливер), алчните и ментално ограничени политичари низ ликовите на градоначалинот на Њујорк и неговите соработници, бирократијата која е паразит на оние кои делуваат и создаваат (Шеф и Јеремија од групата ТНТ), алчните и безмилосни менаџери каков што е лидерот на групата, секогаш присутниот Број Еден, утопијата на новата надобудна генерација за искерена љубов каква негува Алан Форд кон својата избраничка Бренда, техноманите кои создаваат работи што никому не требаат каков е Грунф... и плејада ликови од стрип серијалот Алан Форд преку мргудот Боб Рок и низа споредни ликови од маргините на општетсвото кои губат секогаш, а не добиваат никогаш, што би рекол циникот Боб Рок.
Да, Алан Форд важи за еден од најдобрите сатирични европски стрипови на сите времиња, и таа титула серијалот ја заслужил не заради допадливоста кај интелектуалците, туку затоа што го погодил животот на маргиналците, нивните случувања, губитништва, место и последици во политиката и богатењето на другите, нивните утопии и заблуди – погодени во центар.
Сето тоа му дава особено место во современата поп култура, надминувајќи го само елементот на забава кој бил обврска, но и лимит за многу други комерцијално по успешни стрип серии. Во мај 1969 година на киосците низ цела Италија се појавија нови стрип јунаци под авторство на имиња дотогаш непознати во јавноста, псевдонимите Magnus & Bunker. Зад тие псевдоними стоеа Роберто Равиола (Магнус) кој го црташе стрипот и Лучано Секи (Макс Бункер) автор на приказните и дијалозите.
Нивното дело се појави под наслов: Алан Форд. Тој тим не беше нов во стрип артот, заедно работеле и создале неколку стрипови од кои најпопуларни биле Криминал и Сатаник, претставници на "црниот стрип" (Fummeto nero) кој во тој период бил многу популарен во Италија. Во светот на хумористичниот стрип влегле со кратките стрипови за кралот Максмагнус, а потоа и со Алан Форд, комплетно нов проект во светот на стрипот.
Стрип дејствијата се сместени во амбиентот на Њујорк, на америкаnската култура и стил на живеење, необично саркастични и цинични дијалози, стегнато филмско дејствие и со силно профилирани карактери на ликовите. За стрип стандардите, лесно читливи дијалози, многу динамика и борби на добрите со лошите со однапред познат хепиенд појавата на Алан Форд на почетокот тешко се примала од публиката.
Најпосле, екипата на Алан Форд по својата суштина и главните ликови по многу нешта наликува на анти-јунакот Чарли Чаплин и неговите пријатели, губитници од маргините на општетвото и стрипот ја немал потребната глорификација на ликовите, можноста младите и другите читатели да се идентификуваат со моќта на своите стрип херои. Напротив, дружината на Алан Форд била слика и прилика на момците од предградието.
По неколку објавени стрипови, лошо примени кaј публиката, авторите имале намера да го запрат пrокетот но, одненадеж и без посебна нова причина, стрипот станува масовно популарен прво во Италија, а потоа и пошироко: во Франција, Данска, Шпанија, Португал и, особено, во поранешна Југославија.
Во морето стрипови екипата на тајните агенти од групата ТНТ, сместени во Цвеќарницата во Њујорк, биваат препознаени не како супехерои и ликови од соништата туку како дел од своите читатели и стануваат херои на улицата, а нивните дијалози и до бесвест цинични заклучоци и коментари употребувни во секојдневниот живот како врв на црн хумор и сарказам.
- Купете цвеќе за жената што ја сакате, но не ја заборавајте и сопствената... е паролата која е напишана на тајниот штаб н групата ТНТ, нивната Цвеќарница сместена на Шестата авенија во Њујорк.
- За да победиш, не смееш да загубиш. - Да бегаме. Тие се двајца, а ние сме сами... - Чесно бегање е подобо од нечесен пораз...
- Подобро жива кукавица отколку мртов херој.
- Кој ќе загуби добивка, тој добива загуба. - За немите влез 10 центи, за глувите 10 центи, за глувонемите 20 центи...
- Подобро да живееш цел живот како милионер, отколку година како сиромав. - Подобро е да испаднеш глуп отколку да паднеш од авион... се само некои од дијалозите во Алан Форд. И тој дух, сарказам и пораки е присутен насекаде низ стрипот, а не само во дијалозите.
Како на Лучијано Секи (Макс Бункер) да му недостасувало место во дијалозите па користи секоја прилика: натписи на маици, пароли од демонстранти, салвети во ресторан... да напише уште по некоја "мудрост" што е основна карактеристика на сценаријата за Алан Форд. А прилики за такви интелектуални зезалици и сарказам има многу, кај секој од ликовите кои се персонализирани со јасни карактери, преземени од улицата и општетвото.
Алан Форд, правен по урнек н англикиот глумец Питер О'Тул е навидум експерт за рекламирање, романтчен, смотан, плавокос емотивен млад њујорчанин кој е вљубен во Бренда, девојката според која тој го осмислува својот живот и подготвен е за неа да направи се. Барем да биде во нејзина близина. Но, ретко му успева, скоро никогаш.
Број Eден е шефот на екипата, и за прв пат се појавува дури во 11-та епизода на Алан Форд. Стар парализиран сопственик на туѓи тајни, параплегичар во дрвена инвалидска количка кој владее со групата, со ситуацијта и со своите верзии на историјата која, според него, лично ја проживувал со векови... по своите методи налик на шефот на ФБИ Хувер кој деспотски владее со Цвеќарницата и групата негови тајни агенти под назив ТНТ, но и со ситуацијата во која групата се наоѓа кога е во акција.
Тој има врски, контакти и влијние насекаде, има досијеа и тајни податоци со кои ги присилува моќните да му бидат на услуга и, за разлика од повеќето членови на ТНТ, тој е алчен и има пари. Во почетоците на Алан Форд негов заменик е Шеф, дебел и мрзоволен налик на бирократ од општина или старомоден банкарски службеник но, потоа функцијата ја загубил и тој, како лик без посебни квалитети и потенцијали, постојано е во дремка и мрчење секому кој му го руши комодитетот. Пар во тој ритуал му е хипохондарот Јеремија, секогаш болен и незадоволен.
Посебен лик кој остава впечаток е првиот другар на Алан Форд, малиот, здепаст и носат Боб Рок. Бунтовник и брз на јазик, циничен и саркаситичен до хумор кој преминува во метафора, па дури и иронија типична за целиот стрип. Тој е маркантен живописен лик кој дава боја, вкус на духот на стрип серијата Алан Форд.
Англичанецот во Њујорк, омилена тема на многу романи и филмови од Америка е дел од екипата ТНТ. Тоа е ликот на Сир Оливер. Изманик со англиски полуцилиндер и аристократски монокл, избеган од Англија "поради несогласувања со полицијата". Облечен според англиските клубски стандарди, со речник кој е непознат на њујоршката улица, но кој изнудува респект и почит на прв поглед. Да, на прв поглед, а се потоа што е дејствие и карактер на отмениот Сир Оливер е измама, клептоманија, кражба и злоупотреба на довербата од своите жртви. Тајниот агент Сир Оливер работи за екипата но, пред и над се работи за себе и својот личен профит.
И плејадата ликови кои се појавуваат во стрипот да ја ограничиме и заклучиме со Грунф, цртан, именуван и стрипуван налик на германски пилот од првата светска војна со соодветна пилотска кацига и големи пилотски наочари од тоа време, карикатура на најпознатиот нацистички пилот Манфред фон Рингхофен, Црвениот Барон.
Дури и неговиот мотор со приколка е модел на германски Циндап, омилен во Германија се до шесетите години. Грунф е иронична германска антиверзија на чудовишниот Бонд 007 од Лондон. Кога е веќе германски пилот, нормално е дека треба да го бива за техника. Да биде дисциплиниран, лојален, ограничен и успешен во своите изуми и техники кои ги создава. Или, барем понекогаш успешен за да ја оправда својата создателска репутација. А колку може да се успее ако Број Еден му даде два долари и бара Грунф да создаде и стави во функција хеликоптер?
Изборот на ликови, дејтствија и амбиент во Алан Форд се единствени. Тие се со длабока социјална и општествена позадина, потсмев низ црн хумор на естаблишментот и општетсвниот ред и поредок во кој моќните политичари и градоначалници соработуваат со мафијата, крадат и проневеруваат без задршка. Јунаците од групата тајни агенти ТНТ, предводени со Алан Форд постојано се губитници, на социјалните маргини, а кога ќе има прилика за некој голем плен, награда или сериозна акција нивниот деспот Број Еден ќе се договори со политичарите, ќе ги изрекетира со своите тајни досијеа и ќе ги собере парите, а за членовите на ТНТ од Цвеќарницата нема ниту награда.
Евентуално по еден тикет од лото со уплата за еден долар па, ако имаат среќа, тикетот ќе им донесе големи пари. Сурово и вистинито, како и во животот. Без сон за правда и лажни заплети видени во другите стрипови. Но, во таа суровост на вистината постои духот, сарказмот и иронијата на групата на Алан Форд која успева да преживее, и да ги живее животот од неговата позитивна страна.
– Што е битно, пролет е и птиците се веќе на гранките, би рекол Алан Форд.
– Што ми е гајле за нив, мене ме интересира само птица во тањир, би возвратил Боб Рок, мргоден и гневен затоа што по уште една успешна акција Број Еден собрал се, а тие остануваат гладни.
- Еден за се, а се е за еден... е заклучокот на Број Еден, како крај на полемиката околу поделбата на парите после успешните детективски акции. Сурово правило од животот, уште еднаш.
По многу уепешните 75 епизоди на стрип серијалот Алан Форд доаѓа до промена на тимот. На местото на цртачот Роберто Равиола доаѓа Паоло Пифареиро (Paolo Piffarerio) кој и понатаму се потпишува како Магнус, но виден е пад на квалитетот на цртежите иако стрипот и во наредните десетина години е добро примен кај публиката.
Колку и да барате во стрип артот нема да можете да најдете ништо слично на овој серијал, ниту по концептот ниту по моќта на сценариото и фасцинатниот црн хумор и сликање на општетсвото низ очите на јунаците од Алан Форд.
По тоа, и не само по тоа, тие се единствени во стрип поп културата. Во Италија се објавени 427 епизоди на Алан Форд кој долго бил култна стрип серија со влијание врз својата публика, до толку што изреките, мислите, дијалозите станале пример за кусо изразување сарказам и црн хумор на многу јавни и политички појави. Ние ништо не ветуваме, а тоа и го исполнуваме... са вели во Алан Форд. Така и се случи.
(Д.П. Латас)
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата