Петмина маскирани мажи облечени во црно, носејќи елеци со полициски ознаки, пресретнале автомобил на автопат во Шпанија, од него извлекле човек и го киднапирале, објави шпанскиот портал Ел касо.
Инциентот се случил во саботата во близина на Виланова дел Валес пред очите на многу возачи, а снимката брзо се проширила на социјалните мрежи. Каталонската полиција започна истрага, а првите индиции укажуваат на пресметка поврзана со трговија со дрога.
Петмината напаѓачи лажно се претставиле како полицајци и на тој начин го запреле возилото на автопатот. Тие биле маскирани и носеле полициски елеци, а видеата покажуваат дека некои од нив биле и вооружени.
Човекот бил насилно извлечен од автомобилот. На едно од видеата, може да се види дека човекот е со крваво лице и полугол додека напаѓачите го влечат по асфалтот и го туркаат во друго возило. Неколку возачи, кои биле сведоци на настанот, ја повикале службата за итни случаи на бројот 112. Тие пријавиле дека, и покрај полициските ознаки, постапките на напаѓачите им биле сомнителни и дека не изгледало како вистинска полициска акција.
Киднаперите го ослободиле човекот по неколку часа. Тој бил пронајден со сериозни повреди, но надвор од животна опасност. Според информациите од шпанскиот портал, киднапираниот човек неодамна бил пуштен од затвор. Истражителите сега се обидуваат да утврдат што точно се случило за време на киднапирањето и кој бил мотивот за нападот.
Главната претпоставка е дека станува збор за одмазда поврзана со трговија со дрога, но полицијата сè уште официјално не ја потврдила таа теза. Засега нема информации дека е побаран откуп, па затоа случајот се третира како нелегално лишување од слобода, а не како класично киднапирање. Сторителите се истражуваат и за лажно претставување.
Случајот го презеде Одделот за кривични истраги (ДИК) на регионот Метрополитана Норд. Полицијата се обидува да ги идентификува петте мажи, го следи движењето на возилата што се користеле во нападот и ја истражува врската помеѓу напаѓачот и жртвата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата