Учениците кои користат вештачка интелигенција (ВИ) го губат капацитетот за критичко размислување, покажува најновото истражување спроведено меѓу наставниците во средните училишта во Англија. Две третини од анкетираните забележале пад во вештините кај децата, дополнувајќи дека учениците веќе не чувствуваат потреба ниту точно да пишуваат (спелуваат) поради технологијата за претворање на глас во текст, пишува Гардијан.
„Учениците ги губат основните вештини: размислувањето, креативноста, пишувањето, па дури и вештината за водење разговор“, изјави еден наставник во анкетата на Националниот синдикат за образование (NEU). Друг додаде: „ВИ го уништува она што значи 'учење', решавање проблеми, критичко размислување и заеднички труд“.
„Дигитална револуција“ наспроти човечкиот фактор
Владата повика на дигитална револуција во училиштата, најавувајќи планови за развој на ВИ-алатки за туторство кои би им овозможиле индивидуална поддршка на околу 450.000 ученици од социјално загрозени семејства. Министерката за образование, Бриџит Филипсон, изјави дека овие алатки можат да го трансформираат пристапот до поддршка, правејќи го туторството достапно за секое дете, а не само за „привилегираните малкумина“.
Сепак, од 9.000 анкетирани наставници во државните училишта, дури 49% се противат на владиниот план за ВИ-тутори, додека само 14% го поддржуваат. Наставниците стравуваат дека технологијата ќе се користи за кратење на трошоците и ќе ја поткопа вредноста на наставничката професија.
„На учениците на кои им е потребен тутор, често им треба повеќе од само академска поддршка. Вештачката интелигенција не може да им го даде тоа“, смета еден од испитаниците, нагласувајќи дека на загрозените студенти им е потребна човечка интеракција за да ги подобрат социјалните вештини и да ја намалат изолацијата.
Наставниците ја користат ВИ за работа, но ја забрануваат за учење
Иако се скептични кон учениците кои ја користат ВИ за мамење на испити и домашни задачи, наставниците признаваат дека сè повеќе се потпираат на неа во сопствената работа.
76% од наставниците користат ВИ за секојдневни задачи (пораст од 53% минатата година).
Најчесто се користи за креирање наставни материјали (61%), планирање лекции (41%) и администрација (38%).
Само 7% ја користат за оценување на учениците.
И покрај брзиот влез на технологијата, истражувањето открива сериозен вакуум во регулацијата: 49% од училиштата немаат никаква политика за користење на ВИ од страна на кадарот или учениците, додека 66% немаат дефинирани правила специфично наменети за учениците.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата