logo
logo
logo

БИБЛИОТЕКИТЕ КАКО ДУХОВНИ ХРАМОВИ: Повеќе одговори во полиците отколку на интернет

Vecer | 03.04.2026

БИБЛИОТЕКИТЕ КАКО ДУХОВНИ ХРАМОВИ: Повеќе одговори во полиците отколку на интернет

Министерот за култура Волфрам Вајмер неодамна се соочи со бројни критики кога го одби планираното проширување на Германската национална библиотека во корист на дигиталното архивирање. Иако подоцна сепак најави поддршка за проширувањето, тоа во Германија покрена расправа за улогата на книгата во дигиталниот свет, пренесува DW.

Во тој свет не недостигаат текстови и информации. Напротив – живееме во сегашност во која секојдневно нè „затрупуваат“ илјадници зборови и содржини. Не можеме да им избегаме – постојано фрламе поглед на телефонот, радиото и телевизијата работат во позадина, соседот нè вовлекува во разговор, најдобрата пријателка испраќа гласовни пораки. Подкасти, објави, коментари, електронска пошта, најнови вести – сето тоа е достапно веднаш, секогаш и секаде. Притоа, нешто важно останува настрана – искуството на вистински ангажман околу некоја мисла.

Книгите му се спротивставуваат на тоа темпо. Тие бараат време. Тие бараат внимание. Имаат своја тежина, поголеми се од телефон, страниците не можат да се свртат со повлекување на прстот по екранот и не им е потребна батерија ниту извор на струја за нивната содржина да биде видлива.

„Кралска класа“

Културологот Франк Берцбах во својот есеј „Уметноста на читањето“ опишува посебен однос помеѓу човекот и книгата: „Книгите припаѓаат на кралската класа на дизајнот (...). Тие се тактилно уживање, задоволство за сетилата. Имаат мирис, чувство. На нив реагираме со естетско доживување“.

Што е точно тоа доживување? Што е тоа што нè фасцинира кај книгата? Не е тоа само приказната што се наоѓа во неа. Тоа е целокупното искуство. Да држите вистинска книга во рацете, да ја почувствувате – некои страници се толку тенки што веќе и самото прелистување е сетилно искуство – да ја помирисате и да ја набљудувате – тоа го прави читањето посебно уживање. Бидејќи во моментот кога ќе посегнеме по книгата, ние застануваме. И го земаме она што денес често го доживуваме како луксуз – времето.

Свесно уживање

Тоа може да се спореди со грамофонска плоча: внимателно да ја извадите од обвивката, да ја ставите на грамофонот, нежно да ја спуштите иглата и да го слушнете тивокoто крцкање пред да почнат првите тонови – тоа нè тера музиката да ја доживееме посвесно отколку кога се пушта од плејлиста преку блутут-звучник.

„Во време на пресметани сериски заплети и бесконечно скролање, да се чита некој класичен роман од 19 век е револуционерна работа“, се наведува во „Уметноста на читањето“. Во тој контекст, делува непримеренo „Орканските висови“ од Емили Бронте или „Ефи Брист“ од Теодор Фонтане да се читаат на некој дигитален уред. Убавината на јазикот, изборот на зборови и структурата на реченицата нè враќаат во времињата кога светот бил потивок од денес, животот поспор, а мислите имале повеќе простор.

Но, и современите романи не можат да се читаат патем. Премногу се вредни и длабоки за да се „прелетаат“ додека стоиме во некој ред или помеѓу два состаноци. Истото важи и за стручните книги кои пренесуваат знаење, темелно и внимателно истражено. Ниту еден алгоритам не попречува, ниту еден „фид“ не го одвлекува вниманието, ниту една „пуш-нотификација“ не прекинува. Книгата не нè вовлекува во расправии кои не сакаме да ги водиме – како што е случајот под која било објава на Инстаграм. Затоа книгите се и простори на тишината.

Библиотеките како духовни места

Токму така е замислено во библиотеките – кога ќе се влезе во некој од тие „храмови на книгата“, нè опкружува посебна тишина. Тивок џагор, шепот, шушкање на страниците, повремено поместување на столче, скрцање на подната даска. Се чувствува посебен мирис.

Тогаш се нурнува во еден сосема поинаков свет. И тогаш со сите останати кои таму листаат стари и нови книги, списанија или фото-албуми, се формира мала заедница – заедница на оние кои веруваат дека таму ќе пронајдат повеќе одговори отколку на интернет. Во таа смисла, библиотеките се и духовни места.

Огледало на нашата личност

Тоа искуство го носиме дома, пред сопствената полица со книги. Таму не гледаме само шарени корици, туку и траги од сопственото размислување и развој. Од износените џебни изданија, внимателно одбраните нови книги и одамна заборавените наслови се создава единствен поредок. Книги кои влијаеле на нас и ја формирале нашата свест. Книги кои сме ги читале повеќепати. Или оние кои дури чекаат да бидат прочитани.

Можеби тоа е најголемата разлика во однос на дигиталниот свет: книгата не исчезнува – таа останува. А потоа еден ден повторно посегнуваме по неа – од љубопитност, копнеж или едноставно затоа што е таму.

Франк Берцбах тоа го сумира во една едноставна реченица: „Кој живее со книгите, секогаш е дома“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk