„Цигарите повторно стануваат модерни, и покрај долгогодишните предупредувања за нивната штетност“, пренесе Д пост (The Post). Трендот е видлив и на телевизиските серии, каде ликовите сè почесто се прикажуваат со цигара, што дополнително придонесува за негово ширење. Експертите забележуваат пораст на таканаречени „повремени“ пушачи, кај кои цигарите се дел од ноќниот живот, естетиката и социјалните интеракции, а несекојдневна навика. Истовремено, многумина од нив водат здрав начин на живот, што создава парадокс меѓу велнес-културата и пушењето.
Токму кога изгледаше дека навиката е засекогаш згасната, Холивуд повторно ја разгорува. Од послужавници со цигари на забавата на доделувањето на Оскарите на „Венити фер“ до Кајли Џенер како пуши на најновата насловна страница на списанието, пушењето се чини дека е повторно во мода и покрај сите предупредувања.
Трендот е видлив и на екранот: од ликот на Керолин Бесет Кенеди кој безгрижно влече цигара во хит серијата на Рајан Марфи „Љубовна приказна“ до честите паузи за цигара на готвачот Карми во „Мечката“, објавува „Пост“.
За дел од младите, цигарата станува средство за дружење и социјализација, особено во креативните индустрии, каде паузите за пушење се доживуваат како простор за разговор и запознавање нови луѓе. Влијанието на социјалните медиуми дополнително го поттикнува трендот, со профили кои споделуваат фотографии од познати личности со цигари, претставувајќи го пушењето како дел од одреден стил или бунт против современите стандарди.
Сепак, лекарите предупредуваат дека штетата од пушењето е сериозна и неповратна, нагласувајќи дека ниту еден козметички третман не може да ги неутрализира последиците врз здравјето и стареењето. Но и покрај таквите предупредувања од докторите, за некои луѓе пушењето останува поврзано со чувството на индивидуалност, носталгија и моментална присутност, што придонесува за негово повторно враќање во велнес – културата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата